Олеснето избирачкото изјаснување на лицата со попреченост

23-годишната Бојана и 26-годишниот Дарко и двајцата од Куманово се првите сертифицирани обучувачи на ДИК како лица со попреченост. Соочени со секојдневните предизвици кои им ги носи животот, велат инклузивноста на овие лица во изборниот процес е многу важна. Најпрво за време на референдумот, па сега и за претседателските и вонредните локални избори лицата со попреченост ќе користат граничник за гласање, а слепите лица преку гласачко ливче напишано на Брајово писмо, ќе можат самостојно да гласаат.

Бојана која има оштетување на видот од дури 90% вели дека најголемиот проблем за неа е што и се нарушува приватноста на денот на изборите поради ниските паравани за гласање. Сепак оптимистички ни рече дека активно работи овие лица да си ги добијат своите загарантирани права.

Пред започнувањето на кампањата која официјално стартуваше од 1 април, Дарко секојдневно имал обуки со изборната администрација. Вели има подобрување во однесувањето на оние кои се во избирачките одбори. НО потенцира не сакаат да бидат етикетирани.

ДИК за овие избори обезбеди и 150 рампи за гласачките места за полесен пристап до избирачките места, сепак како што велат нашите соговорници дополнителен проблем се јавува кога кутиите за гласање се поставени на првиот кат од институцијата каде се гласа. Новина е и што дури 40 лица со попреченост ќе бидат набљудувачи на и во двата круга на гласање.

Мониторингот за изборните процеси кој го спроведува Здружението за лица со попреченост Инклузива од Куманово дава поразителни податоци. Заклучиле  дека јавната свест за загарантираните права е на многу ниско ниво. За време на референдумот дури 71 отсто од избирачките места во државата биле непристапни за лицата со попреченост, а биле и грубо навредувани поради изледот. Со високи 65 проценти утврдено е и дека шаблонот за лицата со оштетен вид неправилно се користел или дури 87% воопшто не се ни користел.

Ивана Соколовиќ Најдова