Околу 300.000 граѓани не се регистрирале електронски во системот на УЈП

На точно една недела до последниот рок за електронска регистрација за годишната даночна пријава околу една третина од граѓаните не ја завршиле својата законска обврска да се запишат во системот на УЈП. Од таму велат дека се формирани и мобилни тимови кои собираат пријави на граѓаните од фирми за да нема доцнење и несакани последици.

  • Досега околу 600.000 граѓани се регистрирале на системот е-Персонален данок. Регистрацијата оди интензивно, со задоволително темпо. Бројот на регистрирани физички лица секојдневно се зголемува, а досегашната пракса покажува дека најголемиот наплив на регистрации се очекува во последните денови пред крајниот рок, велат од УЈП.

Од Управата апелираат граѓаните да не го чекаат последниот ден кога има најмногу метеж.

Управата за јавни приходи ги повика граѓаните кои не ја исполниле својата обврска да се регистрираат на системот е-Персонален данок бидејќи крајниот рок за пријавување истекува на 31 овој месец.

Граѓаните, како по обичај брзаа да поднесат годишна даночна пријава. Оние кои секојдневно користат компјутер велат дека немале проблем, оние повозрасните мака мачеле околу регистрацијата.

УЈП од ваква обврска засега ги поштедија само пензионерите кои добиваат приход само од пензија, но не и пензионерите кои имаат дополнителен приход.

Годишна даночна пријава треба да достават околу 900.000 граѓани. Секое физичко лице кое остварило приходи по кој било основ на плата, К-15, приходи од закуп, добивки од игри на среќа, или пари од странство кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход имаат обврска до крајот на годинава електронски да се регистрираат.

Борис Грујоски