Од полноќ нови,уште повисоки цени на горивата, за еден месец нова цена и на струјата

За само 24 часа ново поскапување на горивата. Од полноќ 98-та поскапува за три денари и ќе чини 109  денари. 95-ката оди за еден денар нагоре и литар ќе изнесува 107 денари. Дизелот пак поскапува за 2,5 денари и еден литар ќе се точи за 97 денари.

Овие, историски највисоки цени на горивата доаѓаат откако Владата не ги продолжи мерките за намалување на ДДВ, од 18 на 10 проценти и ја врати старата методологија за пресметка на акцизата. 

За разлика од кај нас, германските граѓани ќе плаќаат поевтини даноци за горивата и до 30 центи по литар. Владата во Германија тврди дека нема да дозволи народот да ја почувствува кризата. Со тоа практично литар гориво ќе има иста цена и во Македонија и во Германија каде платите се 10 пати повисоки. Во регионот, соседна Србија, го продолжи ограничувањето на цената на нафтените деривати до крајот на јуни, за како што велат да се помогне на животниот стандард.

Но не само горивата. Нов ценовек шок граѓаните ќе добијат за точно еден месец кога Регулаторот ќе ја соопшти новата цена на струјата. Ескпертите алармираат дека владата мора под итно да направи енергетски план за да знаат граѓаните на што се должи поскапувањето. Производство на ЕСМ намалено за 1 милион мегават часови на ЕСМ не ги задоволува целосните потреби за струја.

Изјавите за општините дека драстично ја зголемиле потрошувачката ја сметам за сосема неоснована. Никаде не видов кој временски период тоа се случувало и кои се тие општини кои се снабдувале со регулирани цени.  Да напоменам дека се работи само за улично осветлување, што би значело би требало да се вратиме на реалниот проблем а тоа е производството на ЕСМ, а не барајќи кривец во општините. Владата треба итно да направи долгорочен план во енергетиката и конечно да вклучи независни професионалци во проблематиката. Договарање во 4 очи за сите набавки и ископи секако не внесуваат надеж и не наидуваат на одобрување од граѓаните. Кога јавноста би била известена кој е енергетскиот план и со кои ресурси ќе располагаме во следниот период полесно би било да зборуваме за поскапување на електричната енергија во проценти. Дали 10 проценти е реално поскапување, мислам дека не, но мора да почекаме за да ги видиме сите информации, вели за Алфа, САЊА БОЖИНОВСКА – енергетски експерт.

Дека производството на ЕСМ е драстично намалено не крие ниту регулаторот. Претседателот Марко Бислимовски иако ја оценува ситуацијата како исклучително лоша, Електрани на Македонија вели „како знае и умее ќе треба да ги обезбеди 100 проценти од потребната електрична енергија на регулираниот пазар“.

Засега не се знае колкави трошоци пријавиле државните електрани од кои најмногу зависи колку ќе поскапи струјата. Преносниот оператор МЕПСО кој учествува во вкупната структура на цената со 3-4% побара поскапување од дури 68%.

Граѓаните ќе користат електрична цена по сегашната цена до крајот на овој месец, а веќе од први јули ќе добиваат сметки по нов тарифник, за кој екпертите се надеваат дека ќе биде добро скроен, за Регулаторот да го ублажи ценовниот удар.

Викторија Миткова

Поврзани вести