Од мај нова методологија за цените на горивата

Ќе ги поскапи ли нафтените деривати новата методологија за цени на горивата која се очекува да стапи на сила од следниот месец. Трговците бараат маржата за продажба на нафтените деривати да се зголеми скоро двојно, од сегашните 3.2 денари на повеќе од 6 денари. Од Регулаторната комисија за енергетика смируваат дека новиот начин на пресметка нема да се одрази врз грбот на граѓаните, иако трговците бараат повисока маржа.

– Ќе треба да се додадат и определени трошоци како што се премиите кои што ги имаат сите трговци. Ќе треба да се земе во предвид и транспортот што го има од пристаништата до складишниот простор тука во државата. Потоа ќе има трошок кој што ќе се користи за пренесување од складот до бензиските пумпи, и се разбира ќе се вкалкулира некој трошок за маржа, додава Бислимовски.

Што точно ќе се смени во начинот на формирање на цената на горивата, Бислимовски вели дека тоа и натаму ќе зависи од курсот на доларот и цените на нафтата на светските берзи, каде ќе се додадат определени трошоци како премии на трговците, транспортот од пристаништата до резервоарите во кои трговците ги складираат нафтените деривати, трошок за пренесување од складиштето до бензинските пумпи, маржа.

– Прерано е да се каже, оваа нова методологија ќе работи на еден нов концепт и нема да пресметува производна цена туку основна работа која што ќе ја земе во предвид е цената на нафтата на светските берзи, рече Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Инаку, на 8 мај завршува обврската да се применува постојната методологија за цените на нафтата и нафтените деривати што е определена со Анексот на Договорот за продажба на ОКТА. Само уште еднаш, по две недели, Регулаторната комисија за последен пат ќе ги соопшти новите цени на гориваат по старата методологија.

Борис Грујоски