Од Култура признаваат грешки во распределбата на парите за проектите

Министерството за култура ги обвини медиумите дека намерно ги напаѓале Комисиите кои ги разгледуваат апликантите кои побарале државни пари. Велат дека не било фер само да се критикува, туку да се сослушаат сите ставови, иако вчера од таму останаа без никаков коментар.

Комисијата за музичко-сценска дејност утврдила дека направила пропуст со апликацијата за фестивалот „Златно Славејче“. Пропустот го лоцирале откако од ново ги провериле одбиените проекти. Првично комисијата утврдила дека немале потврда за простор каде ќе се одржи фестивалот, но по вчерашната проверка, утврдиле дека таков документ бил уредно доставен.

  • Човечки е да се згреши, ние згрешивме во одбивањето на пријавата на фестивалот „Златно славејче“. Фестивалот имал целосна документација и ќе добие пари од Министерството за култура, рече Плеурат Гаши, претседателот на Комисијата за фолклор и музичко-сценска дејност при Министерството.

Додаде дека, како во случајот со „Златно славејче“, можни се пропусти зашто, како што рече, човечки е да се греши со над 2.000 примени апликации. Продолжуваат да ги разгледуваат одбиените апликации и доколку има прифаќање и новоообрени проекти ќе има пари зашто и законски еден дел од вкупниот буџет се чува за жалби и приговори. Буџетот за музика е 95 милиони денари, а за фолклор 25 милиони денари.

Комисијата ги разгледала и апликациите на Скопски џез фестивал, Оффест, Авалон продукција, фестивалот „Пеце Атанасовски” и други, но констатирала дека немала целосна документација. Од таму велат ако министерот Асаф Адеми одлучи да има дополнителен период за да се комплетираат документациите на овие апликанти, подготвени се повторно да ги разгледаат предметите.

Зошто од Култура вчера немаше никаков одговор, денеска од Комисијата рекоа дека било рано да се даде изјава, зашто имало многу одбиени проекти и не знаеле што да кажат. Денеска признаваат дека имало пропуст.

Алфа праша и зошто министерството доделило средства на нови културно-уметнички друштва кои постојат не повеќе од два месеци, а одбиле друштва кои постојат со години, од таму се правдаат дека требало да им се даде можност на нови уметници, кои до сега не добиле државни пари.

Претходно, по бурните реакции министерот Асаф Адеми најави дека сите проекти за кои има сомнеж ќе бидат отворени пред јавноста и сите апликанти кои се одбиени повторно ќе се анализираат.

Конечната разврска на скандалот со проектите на конкурсите за програмата за култура, најверојатно се очекува до крајот на неделава.

Борис Грујоски