Од денес Сонцето од Кутлеш нема да се истакнува на сите јавни места и објекти

Сонцето од Кутлеш, симболот на македонската држава, денеска ќе згасне од сите јавни места и објекти. Истекува рокот за кој власта е испазари со Грција, а кој значи откажување од еден цел период од македонската историја. Незамисливо е не откинливиот дел од македонската историја, првото знаме на независна Македонија да стане црна дамка во нашето битие, е ставот на историчарите. Професорката Јованка Кепеска за Алфа коментира дека оваа одредба е само дел од ударот за негирање на македонската историја.

Според Преспанскиот Договор, до денес владата треба да ги заврши обврските и симболот од знамето на Вергина да биде тргнат, а на спомениците што упатуваат на тој период да бидат истакнати ознаки дека се дел од античката хеленска историја и цивилизација. Прашавме како ќе биде спроведена одредбата, дали ќе бидат отстранети споменици, но и дали граѓаните нема да смеаат да веат знаме со Сонцето…

– Обврските од договорот се имплементираат согласно договорот и предвидената динамика. Во целиот процес има комуникација и соработка со грчката страна. Обврските и трошоците поврзани со имплементацијата на договорот се на товар на надлежните јавни институции кои ги имплементираат предвидените активности. Преспанскиот договор создава обврски за државите и јавните институции на двете страни. Тие се задолжени за неговата имплементација. Договорот не создава обврски за приватни лица и приватни ентитети, но државата и јавните институции ги охрабруваат и поттикнуваат приватните лица и приватните ентитети доследно да го почитуваат и применуваат договорот во пракса – ова е одговорот кој го добивме од Владата.

Сепак останува нејасно како Владата ќе ја спроведе одредбата и со споменикот „Воин на коњ“ или спомен обележјето на „Филип Втори Македонски“, на плоштадот Македонија. Дали освен спомениците, овие обележја ќе мораат да се тргнат и од фасадите на домовите, спортските сали, цркви но и дали и натаму граѓаните ќе можат да го веат знамето со симболот од Вергина. Ќе се тргнат ли и сувенирите за домашните и странски туристи кои го имаат симболот. На удар од чл.8 од Договорот се и неколку општи кои на општинските знамиња и плоштади ги имаат токму Сонцето до Кутлеш.

Ивана Соколовиќ Најдова