Од денеска почнува прогресивното оданочување – што значи тоа за бизнисмените и граѓаните?

Владата годинава ќе земе повеќе и од џебот на граѓаните и од сметките на фирмите. Даночно-пензиската реформа стана реалност. Откако лани изненадно поскапе акцизата за дизелот, годинава на ред е персоналецот. Се воведе нова повисока стапка од 18% за делот од примањата што надминува 90 илјади денари месечно, компаниите ќе издвојат повеќе и за пензиско и здравствено осигурување. Бизнисот веднаш се крена на нозе и се бореше до крај, но не успеа. Бараше одложување за 5 години, бидејќи по долга политичка криза сметаше дека стопанството не е подготвено.

Од Владата не прифатија никакво одложување. Доволна отстапка било тоа што прагот за поголемо одданочување бил подигнат од првично планираните 60 на 90 илјади денари месечно.

Први на удар се информатичарите. Велат платите нема да растат, а иселувањето на стручниот кадар ќе забрза.

Стопанствениците се налутија бидејќи наместо широка дебата, добија неполни два месеци да се навикнат да работат под нови услови.

За 50%, односно од 10 на 15% се зголеми и данокот на примањата од права од индустриска сопственост, од закуп, капитал, капитални добивки, игри на среќа, осигурување. Бизнисмените алармираа дека анализата на Владата е паушална, без сериозна проценка за тоа колку ќе се прошири сивата економија, ќе придонесат за пораст на кириите, селење на капиталот во други земји, ќе ги одвратат странските инвеститори од вложување во земјава.

Незадоволни се и пензионерите. Откако се зголеми придонесот за пензиско и се стегнаа условите за бенефициран стаж, велат единствен начин да се намали дефицитот во државниот пензиски фонд е да се отворат нови работни места и да растат платите. Бараат еднократно покачување за оние со најниски пензии.

Фирмите веќе најавија дека софтверите не се подготвени за пресметка на новите даноци поради што трошоците ќе растат. Директорката на УЈП побара од газдите на фирмите да бидат патриоти, ако си ја сакале земјата, ќе плаќале повеќе. Најави дека поради покомплицираните пресметки, и граѓаните ќе треба да ангажираат даночни советници. Се чини единствени кои ќе имаат ќар од реформата се токму тие, заедно со сметководителите кои тријат раце бидејќи ќе имаат повеќе клиенти. Фирмите веќе најавија дека првите проблеми ќе се појават веднаш, уште со пресметките на јануарските плати.

Тања Попова