Од даночната реформа во буџетот наместо 100 ќе се слеат 70 милиони евра

Во буџетот треба да се слеат дополнителни 70 милиони евра од новата даночна реформа. Владата денеска ги усвои измените и покрај негодувањето на бизнисмените дека вакви оптоварувања не им требаат во ек на енергетска криза. Се кратат некои даночни ослободувања и олеснувања, се проширува даночната основа, но не се зголемуваат стапките и нема нови даноци. Таканаречените луксузни производи ќе се одданочуваат со стапка од 10 наместо со 5%. Овде се опфаќаат неколку илјади видови на производи.  Стапката на ДДВ се намалува од 18% на 5% за производи за менструална хигиена.

„Имате за тартуфи 5%, имате за други егзотични производи, има за морски кучиња и морски мачки. Имате и такви производи кои ние во земјата никогаш не сме ги виделе. Ако некој граѓанин има приход, легитимно, чесно заработено, секоја му чест, може да си дозволи да ги користи тие, но нека плати 10% наместо 5%. Тоа секој наш граѓанин ќе знае да го цени и тоа ќе биде така транспарентно напишано. Сите ќе знаат за што зборувам. Ние не велиме дека оваа категорија производи ќе оди на 18%. Можеби и тоа е праведно“ – вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Меѓу измените, петкратно се зголемуваат казните за злоупотреби при плаќање данок на добивка, малите и микро претпријатија ќе можат да изберат да плаќаат или данок на добивка или данок на вкупен приход, се укинуваат даночните ослободувања за менаџерските бенефиции, ќе се даночат и уплатите во доброволниот пензиски фонд од страна на фирмите.

Засега граѓаните и фирмите куртулија од воведувањето прогресија кај персоналецот, па стапката останува 10%. Нема да има ниту данок на каматите на штедните влогови. Од 2024-та, хонорарците ако сакаат, на доброволна основа можат преку дигитална платформа да си плаќаат здравствено осигурување. Се разгледува и можноста за огранизирање еднаш до двапати годишно Викенд без ДДВ исклучиво за празници и тоа само за основните прехранбени производи.

Допрва ќе има дебата дали да се воведе данок на екстра профити за фирмите кои заработиле над 20% повеќе годишно споредено со профитите од пред 4 години. Надлежните пресметале дека само по овој основ, во државната каса би можеле да се слеат дополнителни 50 милиони евра.

Тања Попова

Advertisements