Од водач на навивачка група до прв вицепремиер- како Артан Груби стана де факто најмоќен политичар во Македонија?!
Од водач на навивачка група, до де факто најмноќна политичка фигура во Македонија за кого специјално беше измислена нова позиција во владиниот кабинет. Тоа е првиот вицепремиер Артан Груби. Во јавноста посебно актуелен стана во 2011-та година, кога беше еден од организаторите на инцидентите на Кале, за што и доби две години условна казна затвор.
На овие инциденти првиот вицепремиер е посебно горд, ја промениле историјата на Скопје.
-Тој настан стави крај на моноетничката, на монокултурната, на монорелигиозната политика, и на политиката која што ги третираше другите граѓани во градот Скопје, како граѓани од втор ред, велеше гордо Груби.
Хулиганството на скопското Кале го однесе Груби до политичките височини. Со текот на годините стана десна рака и најблизок соработник на Ахмети.
-Народот има потреба од Али Ахмети, а не Али Ахмети од народот, велеше Груби величејќи го својот лидер.
Сепак најблискиот соработник на Ахмети, во исто време му е и сериозен проблем за партискиот мир. Груби е причина што за прв пат во 22 годишното постоење на партијата, дојде до раздор во партијата, па дури и формирање на ново политичко движење од страна на Изет Меџити. Сепак, Ахмети нема намера да се откаже од првиот вицепремиер, иако тој покрај партиски проблем, е и најлошо оценет министер во Владата. Според поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, богатството на Груби се т.н. бомби, кој ги добил од Заев.
-Бомбите за ДУИ Зоран Заев ги даде на Артан Груби, ми кажале надлежни луѓе од СДСМ уште тогаш. Со тие он стана силен затоа што ги има бомбите за сите кадри на ДУИ и за Али Ахмети. Али Ахмети бил уценет и за време на пржинските преговори, кога забранија да се објават илјадитите кривични дела на ДУИ, изјави Хајредини.
Очигледно на Груби ништо не му може ниту неговиот барем на хартија шеф, Димитар Ковачевски. Премиерот дури го бранеше својот прв заменик од новинарите кога прашуваа зошто токму Груби е тој што ја координира изградбата на Коридорите 8 и 10Д, проект вреден повеќе од милијарда евра.
-Видете ако вие имате некои лични анимозитети према некого, тогаш сепак сметам дека тоа се лични работи, а не работа на… па ги слушав коментарите кои што ги дававте, изјави Ковачевски.
Пред големиот успех во политичката кариера, Груби работел во неколку меѓународно организации. Во периодот од 2000 до 2004-та бил во Хашкиот трибунал, извршувајќи оперативни задачи со Канцеларијата на обвинителот во Косово, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Хаг итн.
Од тој период датираат поврзувањата на Груби со „Жолтата куќа“ во Косово, која беше посочувана како место во кое се правеле операции за вадење органи од заробеници на ОВК, претежно Срби.
Повеќе медиуми пренесоа дека Груби бил ангажиран како преведувач во „Жолтата куќа“, сугерирајќи на тој начин дека тој бил директно инволвиран во случувањата во неа.
Артан Груби сега има веројатно најмногу функции во Македонија, па и пошироко – тој е прв вицепремиер, тој е министер за политички систем и односи со заедниците, тој е и координатор за најголемите инфраструктурни проекти – Коридорите 8 и 10Д.
Матеја Петровски