Од автопати, до капсули за кафе – донаторот на ДУИ, „Еуровиа„ е „метастазирана„ во државните тендери
За 10 години 16 милиони евра. Само оваа година речиси 6 милиони евра. Групацијата Еуровиа со нејзините подружници ја зголемува соработката со државата и се почесто добива тендери.
Конгломератот кој е еден од поголемите донатори на ДУИ стана познат по скандалозниот тендер за приспособување на спортскиот центар Борис Трајковски, а сега и како подизведувач на автопатските делницинуди многу повеќе од градежни работи.
Фирмите од оваа групација преку државни тендери испорачуваат и капсули за кафемати, клупи за паркови, храна за болници, а добиле договори за изведба на неколку градежни објекти.
Во 2023-та освен договорот со МНР за самитот на ОБСЕ вреден 1.8 милиони евра, групацијата добила тендер тежок нешто над 1.9 милиони и од Јавното претпријатие за државни патишта за… чистење на канавки, риголи, пропуси, берми и кресање банкини на автопат во период од две години, а од МВР им била доверена изградбата на нова полициска станица во Аеродром вредна нешто над 2 милиони евра. Другите тендери се поситни – реконструкција на фекална канализација во Чаир за 76 илјади евра, и набавка на кафе за повеќе институции за суми од 50 па до 700 евра.
Меѓу другите поголеми државни тендери добиени досега е и реконструкција на Универзитетот Мајка Тереза за речиси 1.5 милиони евра, изградба на базен во Тетово за 700 илјади евра, поликлиника во Сарај за милион евра.
Групацијата има широко портфолио и нуди многу работи за државните органи и јавните претпријатија. За болницата во Тетово набавувала сецкан зеленчук, сончогледово масло, топено сирење. Бифето на Јавното претпријатие за државни патишта било снабдувано со капсули за кафе, шеќер, харитени чаши, Бирото за регионален развој добивало пијалаци, Општина Кичево, пак, набавувала капсули за кафе. Општина Гостивар од нив набавила парковски клупи и корпи за отпадоци.
На официјалната интернет страна на Еуровиа стои дека во сопственост на групацијата се Eurovia Construction, Eurovia Property and Development, Eurovia Energy, Screen Media Advertising, Screen Media Airport.
Screen Media има договори за поставување на билборди на над 600 локации низ цела Македонија, рекламен простор што потоа го препродава.
Во јавноста излегоа информации дека во изминатите три години сопственикот на Еуровиа Елмедин Адеми и фирмите блиски до него донирале на ДУИ скоро 160 илјади евра, од кои 100 илјади само лани . Спроед закон , строго е забрането политички партии да се финансираат од приватни претпријатија кои во моментот на давање на прилог за партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор. И покрај тоа што компанијата очигледно е со години учесник на државни тендери , Министерот за надворешни работи дека е донатор на ДУИ дознал од медиумите
Верувале или не , јас дознав од медиумите – рече Османи .
Сопственикот Елмедин Адеми негираше дека Еуровиа донирала со оглед на тоа дека има повеќе фирми кои го содржат тоа име, но се дел од поголема групација , што смета дека не е прекршување на законот. Алфа проба да стапи во контакт со успешниот 35 годишен бизнисмен, за да разговараме за неговите компании и за тајната на неговиот успех – како успева да добие толку многу работни ангажмани од државниот и од општинските буџети, но тој не креваше на мобилниот телефон ниту одговори на нашите СМС пораки.
Кристина Алексиеска