Одобрена е иницијативата – ќе се собираат потписи за нов референдум за промената на името

Ќе се собираат потписи за распишување на дополнителен референдум за промената на името. Надлежните собраниски комисии ја одобрија иницијативата поднесена од Тодор Петров за собирање на 150 илјади потписи за распишување на нов референдум со прашањето „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Република Северна Македонија“. Иницијаторот на барањето Петров рече дека со измената на Уставот во амандманот 33 е направен обид за промена на името согласно спогодбата Димитров-Коѕијас која „де јуре„ не постои бидејќи нема потпис од претседателот Иванов, а и на претходниот референдум, согласно заклучокот на Државната изборна комисија, не е донесена одлука затоа што не излегоа потребниот број на граѓани. Во Предлогот за распишување на нов референдум се вели дека Договорот од Преспа е нелегален, спротивен на Уставот и спротивен на Виенската конвенција за договорно право.

Според Петров иницијативата по предлог на 179 граѓани ги исполнува сите услови во согласност со Законот за референдум. Кога претседателот на Собранието ќе даде мислење дека иницијативата на Петров е уредна и откако ќе ја извести ДИК, подносителот има рок од три месеци да собира потписи.

Доколку бидат собрани потребните потписи и потоа над 50 проценти од граѓаните излезат на референдум, а мнозинството од нив се изјаснат против промената на името, нивната одлука ќе биде задолжителна односно Владата ќе мора да ја почитува народната волја за неменување на уставното име.

Драган Милосављевиќ