Одлучен молк на државниот врв за францускиот предлог

Францускиот предлог не е ништо друго освен капитулација и бугаризација на рати. Првиот човек на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика премиерот Димитар Ковачевски да не го прифаќа понуденото решение за билатералниот спор и му порача дека доколку Владата реши да го донесе новиот договор на сила , тогаш идната влада на ВМРО ДПМНЕ нема да применува ниту една точка од тој договор. 

– Излези и одби го овој предлог. Ние стоиме позади тебе. Што се однесува до Бугарија сакам да посочам дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. Ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила, тогаш идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и применува. Две третини или 80 пратеника менуваат Устав, а тоа зависи од ВМРОДПМНЕ. Додека ја сум претседател, нема да се смени Уставот за да бидат бугарските барања дел од него, истакна Мицкоски.

На само четири дена до конечната одлука на европските лидери кога ќе се знае и европската иднина на Македонија, македонските власти немале коментар за решението кое го нуди Франција. Премиерот Ковачевски немал свој став , па се повика на кажаното од шефот на дипломатијата, прво ќе го чекале унифицираниот став на сите земји членки , па потоа ќе го кажеле своето.

-Ќе се надоврзам на изјавата што ја даде министерот за надворешни работи. Нормално дека Министерството за надворешни работи (МНР) согласно своите надлежности има увид во предлогот и најискусните дипломати и експерти во МНР прават анализи на овие предлог-документи, но нема да го коментираме и нема да биде предмет на дискусија затоа што сè уште не е предлог кој е усогласен од сите земји членки на ЕУ, вклучително и Франција која го дава предлогот. Ние го следиме развојот на настаните во собранието на Бугарија. Ако таму биде усвоен, кога ќе биде доставен до Република Северна Македонија ќе биде предмет на анализа во детали и споделен со институциите во државата согласно одредбите во законското уредување, рече Ковачевски.

По политичката криза, во Бугарија наголемо се дискутира за францускиот предлог, а премиерот Кирил Петков е ставен во тесно , откако не само што претседателот Радев му порача да не биде курир, туку бугарски премиер, и поранешни и актуелни политичари го обвинуваат дека води лицемерна политика, а случувањата со распадот на коалицијата му се алиби за неговата неспособност.

Ивана Соколовиќ Најдова

Advertisements