Одговорност и да не се повтори: Советот ја задолжи Арсовска редовно да ја одржува хигиената во Град Скопје
Советот на Град Скопје денонесе низа мерки и заклучоци за актуелната состојба со ѓубрето и на вонредна седница ја задолжи градоначалничката и директорите во јавните претпријатија веднаш да го решат проблемот, кој ги премина сите граници. Наместо да биде присутна, градоначалничката Арсовска пак покажа ароганција и не се појави вонредната седница на Градот. Претседателот на Советот на град Скопје, Трајко Славевски по координацијата на советничките групи побара од „Комуналец“ – Скопје редовно чистење и миење на сите улици, како и дезинфекција околу контејнерите, како и итна набавка на пет нови камиони и механизација за собирање на отпад.

- Прво се задолжува градоначалникот на град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“-Скопје да ги преземат следните мерки: Редовно чистење и миење на сите сообраќајници во град Скопје. Дезинфекција и дезинсекција на сите места каде што се наоѓаат контејнерите и во блиската околина. Дезинфекција и дезинсекција и редовно одржување на контејнерите. Итна набавка на пет нови камиони и механизација за собирање на отпад. Итна набавка на пет модерни еколошки чистачи на улиците и сообраќајниците, вели Славевски.
Меѓу заклуоците е и детална проверка на договорите на вработените, за коишто има сомнеж дека не се појавуваат на работа, а земаат плата. За овие заклучоци на седмата седница на Градот едногласно гласаа 24 советници.
- Одговорност за сите кои директно или индиректно учествувале во креирањето на ваквите состојби во ЈП „Комунална хигиена“. Проверка и на договорите за вработување и во останатите јавни претпријатија во соработка со надлежните државни институции, вели Славевски.
Координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, која беше иницијатор за свикување на оваа вонредна седница, рече дека Арсовска има игнорантен и неодговорен однос кон градот, но и кон советниците, и побара таа да си поднесе оставка поради неспособноста да го менаџира градот.

- Час поскоро треба да ја напушти функцијата која што ја има и да си замине. Градоначалничка Данела Арсовска заминете си, дадете си оставка и ослободете го градот за да не доживееме уште било каква еколошка катастрофа, вели Љубица Јанчева советник од СДСМ.
Со слични обивнувања на говорницата излезе и координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, која кажа дека присуството на градоначалничката и на директорката на ваква седница е задолжително бидејќи граѓаните очекуваат одговори, а не дневна политика и популизам.
Инаку, ова не е прв случај на отсуство на градоначалник кога се во прашање седниците на Советот на Град Скопје. И во минатото Арсовска ги избегнуваше и седниците кои беа наменети за советнички прашања.
Борис Грујоски