Одбраната бара да излезе од затвор: Јанакиески спроведен во Идризово, иако веќе има отслужено една година повеќе од тоа што е осуден

Адвокатскиот тим на Миле Јанакиески, но и дел од експертската јавноста сметаат дека екс-министерот за транспорт не требаше да биде спроведен во затвор да отслужува казна, која е помала од притворот кој досега му беше одредуван. Тврдат дека нема никакви законски пречки да му се направи спојување на притворите од повеќе предмети кои што ги има Јанкиески, и дека судот се уште има можноста да ја преиначи одлуката.

-Сметам дека судот и понатаму има можност да го засмета издржаниот дел и со тоа во оние предмети во кои е определена мерката притвор да оправдаат. Зошто имаше тогаш потреба да се определува мерка притвор на господинот Јанакиески во четири или пет предмети, ако не може да се спојува, што со тие предмети, вели за Алфа Еленко Миланов, адвокатот на Јанакиески.

Инаку Јанакиески, вчера беше спроведен да отслужи казна од три и пол години, а веќе во притвор има издржано четири и пол години, односно година повеќе од она што е правосилно осуден. Поради ова одбраната бара тој да излезе од Идризово и досегашниот период поминат во затворски и куќен притвор да му се засмета во казната, што е и законски предвидено. Дека Јанакиески не требаше да заврши во Идризово по правосилноста на оваа пресуда смета и универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев. Смета дека оние кои велат дека не било тоа законски предвидено биле ограничени правници.

-Нема вистинска пречка притворите од различни постапки на осудениот да му се засметаат во правосилна казна; повеќето (ограничени) правници ќе тврдат дека тоа не е предвидено во закон! Законите се пишуваат по претпоставка еден обвинет една постапка. Ако случајот е комплексен, еден обвинет 10 постапки, решенијата ги бараме во правните принципи, смета Калајџиев.

Миланов вели дека веќе поднеле и барање до Врховниот суд итно да се преиспита оваа пресуда, бидејќи вели дека не можела да опстаи.

-Веќе е поднесено барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на оваа пресуда, со оглед на тоа што сметам дека таа пресуда има толку недостатоци поради кои не би можела да опстане, тоа е основ да и овој суд, но и Врховниот суд може да определи прекин поради самата постапка со поднесување на вонредниот правен лек, изјави Миланов.

За случајот „Титаник“ Миле Јанакиески од Апелација доби правосилна пресуда од три и пол годни, откако претходно првостепено беше осуден на четири години и шест месеци. За овој случај условни казни добија Гордана Јанкуловска, Мартин Протоѓер и Мунир Пепиќ.

Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести