Овчарите најавуваат протести – си ги бараат субвенциите

По оризарите и лозарите, на протести излегуваат и сточарите. На 7ми септември стотина одгледувачи на овци ќе протестираат пред Министерството за земјоделие. Од министерот ќе бараат исплата на  редовните субвенции за 2021,  кои на сметка требало да им легнат до 30јуни.  Најавија дека по судски пат ќе барат правда за задоцнетата исплата, а истовремено доколку власта и понатаму не ги слуша нивните барања , ќе ги радикализираат протестите во секоја општина.  

„Протестот ќе биде еднаш со опомена ако не бидат исплатени не само главните субвенции, бидејќи има заостанати субвенции за предадено јагне во кланичен систем. Имат пуштено само 30-40%, а веќе кажуваат дека биле исплатени. Доколку не бидат исплатени субвенциите ќе бидат радикализирани протестите во секоја општина„-изјави Митко Јанков, претседател на здружение  „Агро центар„-Велес

Од Министерството за земјоделие велат дека реализација на исплатите на субвенции во одредени земјоделски гранки е веќе започната и до крајот на годината сите земјоделци комплетно ќе бидат исплатени. Во наредниот период ќе следи реализација на исплатите за кози, овци и гоеници. И додека од министерството уверуваат дека со Интервентниот фонд обезбедени се дополнителни мерки и исплатени се вкупно 218,8милиони денари за заклани и предадени несилки,јагнинја и гоеници , одгледувачите се жалат дека инфлацијата им ги изеде субвенциите уште пред да ги земат. Високите цени на добиточната храна  им ја зголемија цената на дневната потрошувачка на храна по грло овца..  Стравуваат дека нема да можат да обезбедат доволно храна за престојната зима.

  „Отидовме 50денари , а претходните години ни беше 25денари по грло„ рече Јанков. .

Од година во година сточниот фонд се повеќе се намалува, а причина за тоа се погрешните политики во земјоделието,посочуваат од здружението . Според нивна проценка останати се само 400.000грла овци во државата. 

Александра Ристевска

https://www.youtube.com/watch?v=LMiAr7KQ_RU