ОБСЕ со низа критики за работата на СЈО

Низа критики во вториот преоден извештај од страна на ОБСЕ за работата на СЈО. Набљудувачката мисија посочи дека специјалното обвинителство користи многу сведоци кои не се неопходни, од ОБСЕ ги прекорија специјалните обвинители што на одбраната не и дале копии од снимките од прислушуваните разговори, од причини кои и понатаму остануваат необјаснети. Во забелешките на набљудувачите беше и големиот број на расправи што се закажуваат во текот на една седмица.

За овие критики збор земаа и дел од адвокатите на обвинетите за предметите на СЈО.

-Неоправдано во извештајот стои дека одбраната барала да се одлагаат судењата поради нивното отсуство, односно конкретно поради отсуството на господинот Грујевски и Никола Бошковски. Тие беа во екстрадициона постапка во Република Грција, изјави Петар Василев.

-Не само што ги немавме како разговори или транскрипти во поголемиот дел од постапките, не беше дозволено ниту од СЈО, со поднесени повеќе барања до СЈО, ниту преку судовите, да технички совет на одбраната може да има пристап до овие докази, изјави Еленко Миланов.

-Има обвинети кои што секој ден се во судница и тоа не само на еден предмет, туку им се закажуваат рочишта на два или три предмети во исто време. Така што би укажала на тоа, дека не само ние што како бранители немаме можност да ја подготвиме одбраната, туку неиздржливо е и за обвинетите кои секој ден се на судење, изјави Сања Алексиќ.

За ова бурно реагираше специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која истакна дека адвокатите сакаат да го дефокусираат карактерот на настанот и посочи дека не биле тие тука да ги жалат обвинетите.

-Не е тука местото за тие работи да се потенцираат и не сме тука ние дојдени да ги жалиме обвинетите, дали се многу на судење или малку. Тие се обвинети и ќе бидат во суд секој ден како што е ред и како што ќе закаже судот и ние мора тоа да го слушаме, изјави Јанева.

Специјалната јавна обвинителка коментирајќи го извештајот на ОБСЕ рече дека генералната оценка е дека СЈО може подобро да ги извршува задачите. Таа рече дека очекува до крајот на годинава да има пресуди во повеќето предмети, што за дел од адвокатската фела присутна на трибината беше искоментирано како притисок што Јанева го врши врз судот.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ Клеменс Која изрази загриженост за законот за обвинителство и ги повика сите политички партии да постигнат согласност и да се овозможи СЈО да продолжи непречено да работи.

Мери Ѓорѓиевска