Обновена сцената на Античкиот театар во пресрет на „Охридско лето’

Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид во соработка со Националната установа „Охридско лето“ ја реконструира сцената на Античкиот театар. Површината од 270 метри квадратни поради дотраеност беше во исклучително лоша состојба. Градежните зафати ги извршија екипи на ЈП „Градски гробишта “ и технички лица вработени во Завод и Музеј – Охрид, во текот на изминатите 8 дена.

Директорот на претпријатието „Градски гробишта“ , Ванчо Костоски вели дека сцената е комплетно реконструирана и сите настани што се закажани на Античкиот театар можат да започнат непречено.

– На сцената на Античкиот театар комплетно го заменивме дрвениот под со ново и квалитетно дрво, поставивме соодветна изолација, а во најгорниот слој е ставена водоотпорна иверка, појаснува Костоски.

Новата сцена на Античкиот театар, како што објаснува директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ ќе биде од исклучително значење за уметниците коишто настапуваат на овој археолошки локалитет, особено за отворањето на оваа најголема музичко-сценска манифестација во Македонија кое по традиција, секоја година, на 12 јули се одвива токму на Античкиот театар.

-Реконструкцијата на сцената на Античкиот театар значи многу за нас, како национална установа која ги носи најзвучните светски имиња од светот на музиката и театарот. Ние, заедно со мегапопуларната британска виолинистка Ванеса Меј, ја имаме честа први да застанеме на обновената сцена на овој наш најголем археолошки локалитет. Ванеса Меј на 12 јули на Античкиот театар ќе го отвори 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ , вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

59-то издание на фестивалот „Охридско лето“ свечено ќе биде отворено в петок на Античкиот театар, со почеток во 21 часот.