Обнова на манастирот „Трескавец“се приведува кон крај, но без изготвен проект за водовод и канализација?!

До средината на септември треба да заврши тригодишната обнова на конаците од балканското светилиште „Трескавец“, кои до темел беа уништени при силниот пожар кој го зафати Манастирот во февруари 2013-та година.

Градежните и столарските работи се при крај, но сега како сериозен проблем се испоставува дека во целокупниот Проект за обнова на Манастирот, кој беше изготвен непосредно по пожарот, наводно не била предвидена изградба на соодветен водовод и канализација, што пак, можело да го доведе во прашање техничкиот прием на објкектот.

„За да биде се готово мора да биде завршен проектот за водоснабдување на манастирот, бидејќи без завршување на тој проект не можеме да ги пуштиме во употреба конаците“, изјави отец Калест-страрешина на Манастирот Трескавец.

„Во проектот е предвидено за многу малце луѓе за 5 души, правиме напор со министерството за култура да одвоиме средства да се работи проект по стандардите кои би ги задоволиле потребите на овој комплекс“, рече Благоја Атанасоски – дирек. на НУ „Завод и Музеј“ – Прилеп)

Според градоначалникот Илија Јованоски, општина Прилеп неодамна аплицирала до Владата за добивање на средства во висина од 6 милиони денари за оваа намена, но досега одговор оттаму немало, па оттука, останува незвесноста дали и кога ќе почне да се гради водоводот.
Што се однесува до динамиката на обновата пак, изведувачот на градежно-столарските работи е задоволен и смета дека ќе бидел испочитуван договорениот рок, но проблемот со водоводот, што е надлежност на ЛС, останувал.

Увид во градежните работи изврши и заменик-министерот за култура Владимир Лазовски, кој не чувствуваше потреба да даде изјава за медиумите.Инаку, пред почетокот на обновата на опожарените конаци, претходната Влада, за прв пат од многувековното постоењето на овој Манастир, изгради пат до Манастирот во должина од 7,5 км во крајно непристапен терен, што секако многу ја олесни обновата.

Каролина Дурло