Обвинителството утврдува дали премиерот поттикнувал поткуп на гласачи

Кумановското обвинителство ќе утврдува дали премиерот Зоран Заев повикал на поткуп на гласачи во референдумската кампања. Постапката се покренува по кривичните пријави поднесени од ВМРО ДПМНЕ, Глас за Македонија и Светскиот Македонски Конгрес. Трите кривични пријави поднесени против Заев, се споени во една, од причина што сите го обвинуваат за исто дело – говорот на премиерот во Крива Паланка каде тој ги повика бизнисмените да им поделат бонус плата на работниците ако излезат на гласање.

– Се однесува за кривична пријава од политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Глас за Македонија и Граѓанското здружение Светски македонски конгрес за настан во тек на кампањата за говор од премиерот. Кривичната пријава е поднесена до Скопското обвинителство од каде е препратена до ОЈО во Куманово. Предметот е оформен, распределен е кај надлежен јавен обвинител и натаму се постапува на проверка на наводите содржани во кривичната пријава, рече јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.

Случајот со Заев е единствениот кој се истражува, а се однесува на периодот на кампањата за Референдумот. За денот на гласање, обвинителството истражува 40 пријави за полнење кутии, фотографирање, неовластено снимање, притисок, агитирање. Најголем дел од пријавите се за денот на гласањето во Скопје. За еден од нив веќе има и поднесено и кривична пријава.

– Четириесет нарушувања во врска со остварувањето на правото на глас на референдумот се регистрирани во текот на организирањето и спроведувањето на референдумот, рече јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, презентирајќи го извештајот за текот и спроведувањето на референдумот.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје, еден предмет е оформен во текот на кампањата, а останатите се на ден на референдумското изјаснување.

Во обвинителството се уште не пристигнале кривичните пријави од ВМРО-ДПМНЕ, вели Бајрами. Опозициска партија синоќа најавија дека ќе поднесат 200 кривични пријави против претседатели, членови и заменици на избирачки одбори во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај.

Борис Грујоски