Обвинителството сè уште без информации за поништениот тендер за реагенси

Преистражната постапка за поништениот тендер „тежок“ 35 милиони евра за набавка на лабораториски реагенси за испитување на крв, тапка во место. Мина пола година од отворањето на истрагата, а Јавното обвинителство се уште не стигнало до главната истрага.
Од таму за Алфа велат оти се уште се прибира документицијата.
– Предистражната постапка подразбира прибирање на потребни известувања и податоци од други органи и институции, нивна анализа и евентуално вештачење на прибраната документација. Во овој случај се работи за обемен предмет, потребно е време за да се преземат неопходните дејствија во насока на расветлување на случајот и донесување на соодветна јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек.

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по допрен глас, а заради постоење на индиции за повреда на законот при водење на тендерската постапка за набавка на реагенси и тестови за лаборатории, кој го распиша Министерството за здравство, предметот го отвори, во август лани.

Министерот за здравство Филипче, месец пред обвинителството да започне постапка, го стопираше 35 милионскиот тендер. По бурните реакции во јавноста, тој излезе со оправдување дека тендерот не бил прекинат под притисок, туку поради некомплетната документација на фирмата која доставила понуда.

Претходниот тендер предизвика низа контроверзии, откако се обелодени дека само една фирма се јавила како понудувач, а како подизведувач, компанија која била регистрирана четири месеци пред распишува на тендерската постапка.

И покрај сомнежите во јавноста, и започнатата постапка од страна на Јавното обвинителство, Филипче не се откажа од набавката. Кон крајот на минатата година, најави дека повторно ќе биде распишан тендер, но овој пат, како што увери, немало да има проблеми, бидејќи постапката ќе била поинаква.

Наместо во декември, распишувањето на тендерската постапка, поради претпазливост, се одложи за јануари.

Нов тендер сè уште нема, па останува нејасно, доколку морало да се набават реагенси пред повеќе од половина година, дали нивно обезбедување било неопходно, за тековно функционирање на лабораториите.

Сања Трајковска Ставров