НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителството отвори предмет за уцените и рекетот во затворот Идризово

Обвинителството отвори истрага за рекетот и уцените во затворот Идиризово. На распит кај обвинител е повикан командирот за кој поранешниот заменик министер за култура Јанко Јаневски кој одлежува затворска казна,  за Алфа сведочеше за заканите и уцените кои ги преживува од него во затворот. Покрај командирот, Алфа дознава дека ќе бидат повикани и други лица кои имаат информации за случајот.

Затвореникот Јаневски беше дециден и со име и презиме посочи кој командир му се заканува и со што се соочува внатре. Поранешниот заменик министер апелираше до сите надлежни да си ја завршат работата и да запре тортурата со која живее секој ден.

Покрај Јаневски за психичка тортура од страна на вработените во Идризово обвини и Тони Денковски кој е осуден на доживотна робија за тројната ликвидација во скопски рибен ресторан од пред 10 години. Тој за Алфа сведочеше дека трпението му е при крај, а од вработените постојано добива закани по неговиот живот и животот на неговите најмили.

Алфа пред една недела објави серија стории за скандалот во Идризово со командирите и затворениците. Освен што обвинителството веќе интензивно работи за да го расветли случајот, затворскиот директор Зоран Јовановски како и Управата за извршување на санкции веќе ги сослуша инволвираните. Дури и министерот за правда Кренар Лога побара на писмено да му се одговори за рекетот на командирите, но вели дека се уште нема ништо добиено.

Истрагата на надлежните треба да покаже дали и кои вработени во Идризово се дел од шема за корупција и уцени во затворот. Засега само двајца затвореници пријави за заканите, но допрва надлежните очекуваат дека и останатите затвотени ќе се охрабрат и јавно ќе проговорат за се она што го трпат и преживуваат во затворските ќелии.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста