Обвинителството отвори предмет за регистрацијата на здруженијата „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис III“

Допре „гласот“ на Алфа до обвинителството. Поведоа постапки за регистрацијата на бугарските здруженија со контровезрните имиња „Ванчо Михајлов и Цар Борис трети. Одлуката следи по серијата прилози на Алфа, но и притисокот од јавноста дека во Македонија бугарските организации никнуваат како печурки.

„Основното јавно обвинителство Охрид денеска по допрен глас оформи предмет за да ги испита наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ – Охрид. Издадена е наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата на наведеното здружение.“ – Соопштуваат од обвинителството.

Охридскиот клуб бил отворен без позитивно мислење од Министерството за правда, но, Бугарите барем си добиле писмена дозвола од синот на Царот Борис, Симеон Саксобурготски, поранешен премиер на Бугарија, таму познат како Царот.

Цар Борис трети, Ванчо Михајлов, наскоро и Цар Фердинанд. Од бугарските културни клубови со имиња кои директно удираат во чувствата на Македонците, најголемо внимание предизвика клубот во Битола, Ванчо Михајлов. Клуб кој беше отворен од целиот бугарски државен врв, предводен од премиерот Кирил Петков и тоа во поранешен дом на евреи кои биле депортирани во логорот на смртта, Треблинка. Од обвинителството потврдуват. И битолскиот клуб е под нивна лупа.

„Од мај годинава, по поднесена кривична пријава од една политичка партија, оформен е предмет и во Основното јавно обвинителство Битола кој се однесува на регистрацијата и функционирањето на Културниот центар „Иван (Ванчо) Михајлов“. – Додаваат од обвинителството.

Основањето на клубови именувани по контроверзни историски личности предизвика голем гнев кај јавноста, што резултираше со опожарување на битолскиот културен центар Ванчо Михајлов.

Никола Цветкоски