Обвинителството ги следи информациите за „Бехтел и Енка“, засега не презема ништо

Јавноста со денови е бомбардирана со информации кои фрлаат сериозен сомнеж за договорите за изградба на коридорите 8 и 10-Д, за можни сериозни злоупотреби преку криминал и корупција.

Сепак, од Обвинителството за Алфа велат дека засега само ги следеле тврдењата за сомнителни зделки и бараат секој кој има какви било докази да ги достави до нив. Засега не отвораат предмет по допрен глас.

  • Јавното обвинителство ги следи сите информации и изјави. Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, ќе биде поведена соодветна постапка. Воедно, сите субјекти кои имаат информации или докази за сторено кривично дело, имаат обврска тоа да го пријават до надлежното обвинителство. До овој момент, до обвинителството не е доставена кривична пријава со такви наводи“ одговараат од ОЈО на прашањата на Алфа.

Антокорупционерите веќе оформирале предмет по кој тврдат се постапувало.

  • ДКСК има оформено предмет по добиена пријава. Предметот, согласно со деловникот за работа на ДКСК е распределен на член на ДКСК и постапувањето по истиот е во тек“ велат од ДКСК за Алфа.

Антикоруцписката комисија уште пред две години силно се спротивстави на начинот на кој се договори изградбата на овие делници.

За да го заобиколи Законот за јавни набавки, Собранието донесе сосема нов закон кој дозволи договорот да биде склучен во „четири очи“. Антикрупционерите ова го оспорија пред Уставниот суд, но тој не поведе постапка.

Проектот тежок над 1.3 милијарди евра беше доделен на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, како и надзорот вреден над 22 милиони.

Првиот обид за избор на надзор не беше успешен откако фирмата која беше избрана подоцна беше поврзана со руски бизнисмени, во вториот обид победи компанија која се поврзува со корупциски скандали.

Проектот предвидува реализацијата на уште 4 автопатски делници на Коридорот 8, доизградба на автопатот Тетово – Гостивар, изградба на автопат од Гостивар до Кичево и од Требениште, преку Струга, до граничниот премин Ќафасан, како и изградба на делница од Прилеп до Битола.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста