Обвинителството в петок ќе соопшти дали имало било какви нерегуларности на Референдумот

Изборните нерегуларности за кои со денови информира опозицијата, ќе почекаат до утре, до пладне. За тогаш Обвинителството ќе закажало прес конференција – вака одговорија од обвинителството на прашањата на Алфа, дали покренале постапки по допрен глас за низата неправилности на денот на референдумското изјаснување, за кои информираше и партијата ВМРО-ДПМНЕ но и граѓани споделуваа сведоштва по социјалните мрежи

– Комисија на ОЈО за изборни нерегуларности ги сумира податоците за сите активности во врска со следењето на евентуалните противправности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела при организирањето и спроведувањето на референдумот, велат од Обвинтелството за Алфа.

На денот на референдумот, опозицијата обвини за притисок по телефон за да се излезе на гласање, многу сомнежи за полнење гласачки кутии со цел лажирање на цензусот, па така во некои општини на секои 10 секунди гласал по еден гласач.

– Изборниот криминал на референдумот мора да се истражи, расчисти, да следуваат пропишани затворски казни! Пораката до организаторите и извршителите мора да е јасна, не смее да има изборни кражби, уцени, поткупи, кол-центри. Тоа со Љубомир Јовески како Републички Јавен обвинител е невозможно. Во едно мора да биде формирана анкетна комисија во Собранието за да се расчистат налогодавачите на изборниот криминал. Ако тоа не се случи, ако не се расчисти со извршителите и нарачателите на криминалните избори, тие повторно ќе се случуваат. Тоа, не се европски вредности. Тоа не се вредности кон кои треба да цели Република Македонија. Тоа се само европски вредности само во главата на Зоран Заев, потенцираше Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата е убедена дека ОЈО работи под политички притисок на власта, од партијата поднесоа и кривични пријави за дела против изборите, за кои ЈО треба само по службена должност сами да отворат истрага, но тоа не се случило.

Борис Грујоски