Обвинение против 27-годишно лице од село Селемли за одгледување и продажба на марихуана

Основното јавно обвинителство Велес поднело обвинение против 27-годишно лице од село Селемли, Општина Богданци за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

– По извршен претрес по наредба на судија на претходна постапка од Основниот суд Гевгелија, на 23 мај годинава, во домот на бабата на обвинетиот, во две неупотребливи машини за перење пронајдени се четири најлонски кеси со наркотична дрога – марихуана. Во дворот на куќата обвинетиот чувал 24 млади исушени растенија од видот Cannabis сместени во пластични чаши и саксии. Обвинителството утврди дека обвинетиот неовластено заради продажба држел дрога марихуана со вкупна тежина од 912,60 грама и 24 млади исушени стебла Cannabis во висина од осум до 24 сантиметри, со што го сторил кривичното дело кое му се става на товар, соопшти денеска Јавното обвинителство.