Ноќеска опожарени две возила од пратеникот Петар Ристески, кој на сторителите јавно им порача: „нема да ме заплашите

       Засега се уште непознати сторители, ноќеска околу 1.30 ч., ги опожариле двете возила на прилепскиот пратеник Петар Ристески, паркирани пред неговата семејна куќа. Возилото од пратеникот е целосно пеплосано, а додека делумно изгорено е и возилото на неговиот татко и двете паркирани едно до друго. Малку фалело од пожарот да биде опфатена и куќата, вели пратеникот Ристески и додава дека целото седеумчлено семејство во тој момент било дома.

   „По дојава од комшиите дека нешто забележале, а и силна експлозија претходно имаше и татко ми во истиот момент кога се стрчав да слегувам по скали, исто и татко ми реагираше, ми свика и кога излегов возилото веќе беше во пламен. Голема среќа што брзо реагираа од ТТПЕ..“ – ни изјави утринава,  се уште видно вознемирен Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

     Ристески вели дека претходно немал никакви лични закани, а немал ниту долгови кон некого, но се сомнева дека овој разбојнички чин најверојатно има политичка, заплашувачка заднина, особено после неговото излагање во Парламентот дека ни мртов нема да гласа за отворање на Уставот.

    „Пред четири години ми беше опожарена викенд- куќата, како и сега, и тогаш, единствено што се сомневав е дека на некого му пречи мојата политичка активност, тогаш бев само претседател на ОК во Прилеп. Индикативно и сега ми е што од Обвинителството само за 20 дена тогаш го затворија случајот како несреќен случај, иако имаше докази, стапалки…И вчера, дури по моја реакција, излезе обвинител на терен, претходно ги пренел ингеренциите на екипи од МВР“, – вели Ристески.

    „Како татко на три малолетни деца и пратеник, ова го ценам како обид за убиство и напад врз институција, затоа очекувам министерот Спасовски, под најитно да го расчисти овој случај, посочува Ристески, а додека на сторителите им порача дека не им се плаши.

    „Ниту ќе ме заплашат, ниту ќе ме поколебаат, но оваа стресна ситуација, ниту ќе ја заборавам. Доколку во најбрз временсаки рок, уште во текот на денов не добијам известување што, како е направено и не се откријат сторителите на овој гнасен чин, ќе сметам дека ова е уште една игра, политички мотивирана“, – кажа Ристески.

    По инцидентот се огласија и од ОК на ВМРО-ДПМНЕ, чиј актуелен претседател, неодамна исто така беше жртва на ваков сличен чин.

   „Веќе видени и познати методи на некакво заплашување кога СДСМ е на централна власт. Прашуваме, дали можеби ова се методите и јаловите обиди во трката за обезбедување на 2/3 мнозинство за смена на Уставот?! Порачуваме дека не се плашиме! Ваквите методи, ваквите чинови на вандализам и дивеење нема да не поколебаат да бидеме на страната на народот и вистината“, – порача Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Прилеп.

   Инаку, пред само дваесетина дена беше опожарено возилото и на директорот на ЈКП „Комуналец“, а сторителите се уште не се пронајдени.

Каролина Дурло