Ноќеска запалено уште едно возило во Прилеп, сопственост на вработена во Локалната самоуправа

       По точно 24 часа од опожарувањето на двете возила од пратеникот Петар Ристески, ноќеска во Прилеп опожарено е уште едно, трето возило. Возилото марка „Пежо 206“ е сопственост на лекар-специјалист во прилепската Болница, а неговата сопруга е вработена како раководител на Секторот за урбанизам во ЛС. Автомобилот бил паркиран пред нивната семејна куќа, на улицата „Киро Фетак“. Обидите да стапиме во контакт со ошетените, беа неуспешни, тие утрово не одговораа на нашите телефонските повици. Од СВР Битола ја потврдуваат информацијата и велат дека работат на пронаоѓање на сторителите. Инаку, ова е петто возило кое е опожарено за период од само триесетина дена, а трето за само 24 часа.

    За загрижувачки влошената безбеносна состојба во градот, подолго време реагираат и прилепчани. Велат не се чувствуваат сигурни, а некои од нив се сомневаат и дека постои спрега помеѓу полицијата и криминалците.

    „Голема спрега постои, со полицајците седат криминалците, не знам дали си ги делат парите, ама не верувам дека не си ги делат. Овој, главниот што е, министерот Спасовски, треба да ја фати работата како треба оти од ден на ден, работава паѓа на нула“, – вели еден прилепчанец. 

  „Безбедносната состојба во Прилеп е на многу ниско ниво. Има многу кражби, има многу тепачки на луѓе“, – кажа друг повозрасен прилепчанец.

   Од ОЈО пак, за Алфа ни изјавија дека на вчера приведеното лице, осомничено за пожарот кај пратеникот Ристески, одреден му е осумдневен притвор, но за друго кривично дело – спречување на службено лице за разоткривање на настанатиот пожар. А додека за денешниот случај, исто така, веќе било приведено едно лице, ама засега само на распит во ПС.

     И локалната власт, градоначалникот и Советот, свесни за состојбите, на повеќе наврати јавно побараа разрешување на актуелниот командир на ПС во Прилеп и преземање на безбедносните ингеренции во градот од страна на МВР, за што пред дваесетина дена беше испратено и официјално, писмено барање. Како што неофицијално дознаваме, наводно од вчера во Прилеп има засилено полициско обезбедување, односно дека градот е ставен под специјални безбедносни мерки.

      Во врска со последниот инцидент, утринава пак реагираа и од Општина Прилеп од каде поабараа под итно да се стави крај на ваквите немили сцени кои влеваат страв и несигурност кај граѓаните, а МВР и ОВР Прилеп да понесат одговорност и да најдат начин да превенираат во зачувувањето на редот и мирот со цел во иднина да не се повторуваат вакви застрашувачки сцени.

  Каролина Дурло

Поврзани вести