Нов тарифен модел за струјата, тие што трошат повеќе и ќе плаќаат повеќе

Од 1 јули нов тарифен модел во Македонија – тие што ќе трошат повеќе ќе плаќаат повисока цена за електрична енергија. Се размислува за воведување на 3 или 4 тарифни блокови по примерот на соседните земји, а лимитот на потрошувачка на блок и цените регулаторна ќе ги објави по финалните калкулации.

Тарифните блокови нема да важат за евтина струја, а она што е извесно е дека цената на највисокиот блок ќе биде приближна или иста како пазарната цена на струјата.

Блок тарифите ќе важат за сите граѓани во државата. Значи ако некој потрошил 3000 киловат часови, првиот, вториот и третиот блок ќе си ги добие по цени за прв, втор и трет блок. Нема да биде ако е потрошувачката 3000 киловати на час цела потрошувачка да се тарифира по целиот блок. Седумнаесет домаќинства трошат 30 проценти од хидропроизводството. Немаме против да трошат, колку сакаат ќе трошат, но тие домаќинства со енормна потрошувачка ќе плаќаат цена блиску до пазарната, изјави Марко Бислимовски претседател на Регулаторна комисија за енергетика

Просечната потрошувачка на едно домаќинство на месечно ниво е 410 киловат часови, при што 53 отсто се во скапа тарифа, а 47 се во евтина.  21,5 отсто од домаќинствата трошат од нула до 100  киловат часови.

Бислимоски појасни дека се размислува  за можноста за почесто менување на цените во рамки на блоковите, односно во еден блок да има пониска цена на струјата во зима, а повисока во лето како би се заштитиле домаќинствата кои се греат на струја.

Околу новата цена на струјата, се уште се прибираат барањата, а она што го тврди Бислимоски во моментов е дека во финалните калкулации нема да влезе долгот  од 19 милиони евра на фирмите снабдувачи кон Мепсо. Цената на струјата најмногу ќе зависи од понудата која ЕСМ ќе ја достави на тендерот од ЕВН ХОУМ.

Досега барање до РКЕ имаат доставено Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија, МЕМО за вршење на дејност организирање и управување со пазарот на електрична енергија и ЕВН Хоум. Овие барања пристигнаа во четвртокот. Ги анализираме и кога ќе имаме точни податоци од тоа која компанија што бара веднаш ќе ја информираме јавноста. Она што веќе е сигурно и се знае е дека Електродистрибуција ја има завршено годината со 40-ина милиони евра загуба. Исто така и ЕВН Хоум ја има завршено годината со помеѓу 25 и 30 милиони евра загуба, рече Бислимоски.

Инаку, последното поскапување на струјата беше од 1 јануари кога порасна за 10 отсто.

Кристина Алексиеска