Нов струен удар за Нова Година – поскапување на струјата ќе има, прашањето е само за колку

Цената на струјата за домаќинствата повторно ќе се зголеми од први јануари. Поскапување неминовно ќе има, потврди првиот човек на државните електрани Васко Ковачевски. Уверува дека надлежните ќе се потруделе цената да растела минимално. Предупреди дека и покрај тоа што домашното производство ќе биде на максимум, не очекува една од најтешките зими во последниве 70 години.

За бизнисот струјата веќе драстично поскапе. Ако до пред три дена, на унгарската берза за струја HUPX, еден мегаватчас се продаваше за 400 евра, веќе денеска цената скокна на над 600 евра за мегаватчас. Компаниите кои купуваат струја на слободниот пазар се во најтешка состојба. Најавите се дека рудникот Бучим привремено ќе го прекине производството од први септември. Веќе се правеле подготовки за тоа, а од Македонската асоцијација за рударство велат и дека голем број рудници се во незавидна состојба. Загубите биле огромни поради 10 пати поскапата струја и ниските цени на обоените метали.

„Бучим исто така се наоѓа во тешка состојба и се разгледуваат разни варијанти за стопирање на производството. Не знам дали денеска е стопирано, но состојбата е тешка и набрзо може да застане и рудникот Бучим кадешто работат околу 700 луѓе. Состојбата ќе стане посериозна и во пошироката околина, на Радовиш, кадешто и онака има проблем со број на вработени“ – вели Николајчо Николов од МАР, инаку поранешен прв човек на Бучим.

На уверувањата на првиот човек на државните електрани Ковачевски, дека прават сè за да го зголемат домашното производство на струја , се чини никој не им верува. Искуствата биле дека трите блока на РЕК Битола речиси никогаш не работеле истовремено заедно, немало редовни ремонти на термоцентралите, како ниту голем ископ на јаглен. Компаниите се надеваат на најдоброто, но се подготвуваат за најлошото сценарио. Сметаат дека властите итно треба да излезат со мерки за да му помогнат на бизнисот и да бидат потранспарентни при давање на информации за, како што велат, вистински тешката состојба во енергетскиот сектор.

„Јаглен немаме доволно, количините што се вадат се мали. оптимистичките изјави се добри, и потоа мора да гледаме реално, РЕК Битола е основен производител на енергија од јаглен“ – вели Николов.

Аналитичарите пак велат дека речиси и да нема шанси зимава да помине без рестрикции. За препораките за штедење велат дека се смешни. Сметаат дека Владата не покажала цврста волја да штеди, туку само ги препишала препораките од Европа. Сите веќе очекувале цените на струјата да одат само нагоре.

„Дека ќе имаме рестрикции на електрична енергија, јас мислам дека ќе има. Тоа нема да ни бега оваа година. Не во тие урбани средини каде има економска активност каде е поконцентрирано населението дека ќе има некоја поголема рестрикција. Но, во деловите на државата каде има понеактивно население, помала економска активност, верувам дека неминовно е да има рестрикции“ – вели економистот Абил Бауш.

Пред неколку недели, Стопанската комора на Македонија излезе со низа барања за спас на стопанството. Иако тогаш владините министри декларативно рекоа дека за нив барањата се прифатливи, тие веќе еден месец стојат во фиоките на министрите. Од нив засега нема никаков одговор, зошто помошта изостанува. Компаниите бараат итна набавка на мазут и јаглен за ТЕЦ Неготино, ТЕ-ТО да работи цела година, како и струјата од обновливи избори да биде наменета исклучиво за индустријата. Алармираа дека за 7 месеци затвориле над 5.400 фирми, а уште многу најавиле клуч на врата и откази за вработените.

Тања Попова