Нов скандал со македонски пасоши: Во Украина го бараат за 100 милиони евра, во САД има црн пасош, во Македонија добил спортски пасош

Украина го бара со потерница за перење пари, во САД е на црн список поради мешање во избори, а во Македонија е сопственик на спортски пасош. Вака најкратко може да ја претставиме биографијата на 53 годишниот Александар Онишенко. 

Проблемите за него започнуваат во 2016-та година кога е осомничен дека преку државната компанија „Нафтогаз“ го оштетил буџетот на Украина за 100 милиони евра. По велејќи дека Олимпијадите чекаат на него, ја напушта својата држава. Со образоложение дека оди да настапува на спортски настан заминува во Велика Британија. Од каде веќе не се враќа во Украина.

Следна станица му е Шпанија, но шпанските власти решаваат да го екстрадираат, бидејќи ги загубил сите судски спорови во својата земја. Ова е причина Онишенко среќата да си ја побара во Германија, каде пристигнал со ветување за големи инвестиции во коњичкиот спорт.

Сепак на крајот среќата си ја наоѓа во Македонија, каде добива т.н. спортски пасош, кој всушност е идентичен со нормалниот но така се нарекува оти се дава заради потреби на спортските федерации . Па така од човек обвинет за криминал низ светот, Оношенко станува сопственик на македонски пасош и репрезентативец во коњички спортови.

-Владата го разгледа Барањето на Олександр Онишченко, за прием во државјанство на Република Северна Македонија, согласно член 11 од Законот за државјанството на Република Северна Македонија и утврди позитивно мислење по Барањето, имајќи го предвид позитивното Мислење на Агенцијата за млади и спорт, пишува во одлуката на Владата.

А под знамето на Македонија настапува и на коњички натпревар во Сен Тропе, каде што го освојува седмото место.

Во нормални услови можеби Онишенко би го ставиле во клубот на Лестер Бо МекКејлеб, човекот кој со спортски пасош беше од од главните во генерацијата која ја одведе Македонија до историското четврто на Европското во кошарка во 2011 година.

Но, според неговото кривично досие повеќе личи дека ќе влезе во клубот на лица со сериозно криминално досие, Седат Пекер, Јован Вукотиќ, Валид Иса Хмаис, Флоријан Мусаи, Стефан Ѓукиќ и Жељко Бојаниќ, кои се меѓу најбараните криминалци во светот а кои имаат и македонски пасоши.

Во јавноста последниов период актуелен стана Бојаниќ, кој во Турција беше уапсен, со меѓународна потерница поради обвинение за убиство на Србинот Риста Мијановиќ.

Локалните медиуми објавија дека полициски екипи го пребарале и ископале дворот на вилата во која се криел тој, поради сомнение дека телото на Мијановиќ може да биде закопано таму, но тело не било пронајдено.

Спорните македонски пасоши во јавноста се појавија пред две години, кога беше објавено дека МВР дала голем број пасоши со туѓ идентитет на лица кои од свотие држави избегале поради сомнежи за сторен тежок криминал. Првото големо име кое се појави беше Седат Пекер, кој тврдеше дека бил гостин во домот на поранешниот премиер Зоран Заев.

-Јас сум Седат Пекер, го познавам премиер на Македонија, му бев на гости дома, сите други партиски лидери ги познавам. Добив депортирање поради 3 дена прекршување, тоа не можам да го прифатам, кажа Пекер.

Последниот пример е Онишченко, кој во Украина покрај по сомнителните бизниси, е познат и како пратеник од партијата на поранешниот проруски премиер Виктор Јанукович. Ако го отвориме неговиот Инстаграм профил, ќе забележиме дека често сака да е во друштво на светскиот џет сет. Фотографии има со Рафаел Надел, Ева Лонгорија и нејзиниот поранешен сопруг, кошаркарот Тони Паркер, легендарниот фудбалер Јуриј Џоркаеф, познатиот модел дизајнер Ели Сааб и џетсетерката Парис Хилтон.

Матеја Петровски

Advertisements