Нов скандалозен Закон за амнестија: Нема помилување на тероризам, ама може да има за организиран криминал

Убиство, обид за убиство, силување, тероризам, шпионажа и кривични дела сторени при семејно насилство не се дел од новиот Закон за амнестија кој го потготвува Министерството за правда, но делата од организиран криминал не се исклучени, во телефонски разговор за Алфа потврдува министерот за правда Кренар Лога. Тој призна дека ВМРО ДПМНЕ не се запознаени со содржината на предлогот за амнестија, па откако денеска ќе биде доставен до сите пратенички групи, Министерсвото за правда ќе ги објави сите детали.

Претходно на официјалниот Фејсбук, Министерството за правда објави дека има поддршка од сите политички чинители во земјава, но очигледно ставот на политичките партии допрва ќе се знае.

Какао што досега е познато Нацрт предлогот опфаќа намалување од 20 до 30 % на затворските казни за сите кривични дела без разлика на висината на затворската казна со исклучок на тешките кривични дела.

Лога појасни дека затворите се пренатрупани, и не постои можност за вистинска ресоцијалиација бидејќи во ќелиите заедно се сместуваат повторници и лица кои за првпат се огрешиле пред законот, па според министерот од затворите излегуваат осуденици – дипломци во областа на криминалот.

Кренар Лога главната причина за анестија ја лоцира во пренатрупеноста на затворите. И не само тој. За истиот проблем со затворите реагираше и Народниот правобранител и невладините организации.

Состојбата на македонските затвори е тема години наназад, за која се уште нема конкретно решение. Еден од начините со кој Лога сака да го реши проблемот е амнестија на осуденици, но засега не е познато кои имиња и за кои дела ќе бидат на листата амнестирани.

Паула Костадиноска

Advertisements