Нов протест на работниците од прилепскиот загубар „Еурокомпозит“

154 – те работници од загубарот „Еурокомпозит“, чувствувајќи се повторно излажани, откако до вчера не им беше исплатен ветениот втор дел од отпремнините во висина од 25.000 денари, денеска протестираа пред Фабриката. Стравувајќи дека престојните празници ќе ги поминат без скршен денар, тие побараа одговорност од директорот, но и итна интервенција од Владата.

Неиздржливата ситуација која премина во многугодишна агонија за работниците кои се со просечна старост над 55 години и со работен стаж над 35 години, станува уште потешка, бидејќи на овие луѓе со години не им се исплатени ниту придонесите.

На работниците кои заминаа како технолошки вишок последна плата им била исплатена за месец септември во висина од 12.000 денари, а како отпремнина од ветените околу 100.000 денари досега имале земено само по 25.000. Според Договорот со Владата, крајната исплата на отпремнините треба да биде до 28 февруари.

Каролина Дурло