Нов обид на косовската опозиција да го спречи Тачи да преговара за промена на границата

Косовското Собрание денеска треба да одржи вонредна седница, на која, на барање на опозицијата, ќе се расправа за дијалогот со Србија и за идеите на претседателот Хашим Тачи за размена на територии, односно „корекција на границата“ меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) заедно со онаа на втората најголема опозициска партија, Движење Самоопределување (ВВ), имаат изготвено резолуција, со која му се забранува  на претседателот и на било кој друг да преговара за територијата на Косово.

Тачи последните неколку месеци упорно ја промовира идејата за „корекција на границата“ со Србија, со што, според него, Прешевската Долина би се припоила кон Косово, а на Србија за возврат не би се дало ништо од косовската територија. Највисоките српски претставници, пак, се залагаат за, како што тие го нарекуваат тоа, „разграничување на Косово“.

Критики за заложбите за прекројување на границите има не само од опозицијата, туку и од поголемиот дел од претставниците на владејачките партии во Косово, пред се од премиерот Рамуш Харадинај, а против се и најголемиот дел од меѓународната заедница.

Вонредната седница е закажана за 10 часот, а потоа треба да продолжат неколку седници на Собранието кои беа прекинати поради немање кворум, од причина што беа бојкотирани од опозицијата.