Нов закон: Помилување само по правосилна пресуда

Прво правосилна пресуда, па помилување. Новиот закон пред народните избраници. Ако ги помине собраниските филтри, претседателот на државата нема да може да аболицира лица пред за нив да има судски процес, односно ќе може да помилува откако пресудата ќе ја добие својата правосилност. Министерот за правда, Никола Тупанчевски, тврди дека новиот закон ги прецизирал роковите и надлежнсотите на сите интитуции кои учествуваат во одлуката.

„Законот за помилување е практично нов закон. Сведоци сме дека долг период во неколку наврати беше применуван постоечкиот и примената на тој закон навистина покажа дека навистина постојат одредби кои различно се интерпретираат. Во таа насока се обидуваме да се сведат на минимум таквите можности за различни толкувања на законот, така што се дадени прецизни критериуми, се знае кои институции, до каде се надлежностите и практично се анулирани сите потенцијални можности за злоупотреба на можности“, рече Тупанчески.

Додека Тупанчевски уверува дека во новиот законски текст се избегнати сите лавиринти на злоупотреба, адвокатите не се многу уверени.

„Од една страна ќе имаме одлуки кои се донесени од судот, а од друга страна ќе имаме политичко помилување на одредени лица од некоја Комисија од Министерство за правда, што не е во ред, и се испраќа една погрешна порака до сите граѓаните на Р.Македонија дека правдата може да се изигра и заобиколи“ вели адвокатот Менкиновски.

Претходно, поддршка за новото законско решение даде и претседателот Пендаровски.

Инаку , последната примена на актуелниот закон беше во март оваа година, кога претседателот Пендаровски помилува петорица, едно лице целосно, а четворица делумно. Кон крајот на минатата година пак, листата од 48 осуденици за новогодишни помилувања на Пендаровски беше повеќе од спорна за јавноста бидејќи на неа се најдоа најконтроверзните осудени лица, Александар Василевски- Нинџа, главниот сведок на Обвинителството за случајот 27-ми април, бизнисменот Сеад Кочан како и Бобан Илиќ – осуден за убиството на четиригодишниот Алмир во Куманово. По острите реакции, тогаш, Министерството за правда ја повлече листата.

Викторија Миткова

Поврзани вести