Нов гаф на протоколот: Словенечката министерка пречекана со знаме на Словачка

Државните протоколарни служби како да се натпреваруваат која почесто ќе потфрли на елементарни задачи. Вчера честа беше на службите при министерството за надворешни работи, на кои им дојде редот да ги покажат своите способности, па при посетата на Словенската министерка за надворешни работи, Тања Фајон, министерот Османи ја пречека со државното знаме на Република Словачка и покрај очигледните разлики.

Од Министерството за надворешни работи преку соопштенија се извинија, велат, словенечката министерка имала разбирање за нивните пропусти.

– „Министерството за надворешни работи изразува длабоко извинување за ненамерниот пропуст при употребата на малото знаме на тет-а-тет средбата на двајцата Министри при посетата на Министерката Фајон на земјава. Информираме дека Министерството за надворешни работи дополнително ќе ги зајакне протоколарните проверки со цел во иднина да не се повтори ваква ситуација“ – Соопштуваат од МНР

Но и покрај заложбите за подобрување на протоколарните служби и редовните извинувања, погрешните знамиња при пречек на стрнаски дражвници речиси станаа секојдневие во Македонија.

Па така, при австриска дипломатска посета за време на техничката влада, протоколарните служби го згрешија австриското знаме. Но, од грешката не научија, по нешто помалку од една година, при посетата на австрискиот канцелар Себастијан Курц, при интонирањето на австриската химна, тој мораше да одаде почит на туѓо знаме, затоа што македонските владини служби го вееја знамето на Летонија.

Умешноста и способноста не ги прикажаа само државните протоколарни служби, туку и највисоките дипломати во земјава. Поранешниот заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски на социјалните мрежи испрати благодарност до Холандија со знамето на Јемен, кои воопшто немаат сличен дизајн.

Грешки се прават и на локално ниво. Кога тогашниот француски амбасадор беше во посета на Охрид го дочекаа со холандско знаме.

Но, дури и кога ќе го погодат знамето, се случува да направат грешка при неговото поставување. Така, при посетата на црногорскиот претседател, во вилата Водно, знамето на Црна Гора висеше наопаку, додека пак при посетатата на министерството за правда од страна на чешка делегација, владините служби го прикажаа и чешкото знаме наопаку.

Никола Цветкоски

Advertisements

Поврзани вести