Нов бран празнични вработувања на 120 административци

Празнични вработувања во администрацијата. Повеќе државни институции и јавни претпријатија во изминативе неколку дена непосредно по Нова Година објавија огласи за дури 120 нови вработувања. Само Јавното претпријатие за државни патишта бара 84 работници на патарините, како и 16 советници. Нови референти, помлади соработници, советници, инспектори се бараат и во Управата за хидрометеоролошки работи, Платежната агенција, Дирекцијата за безбедност и класификација на информации, Агенциајта за лекови, Агенцијата за вработување, додека се објави оглас за вработување и на 8 лица во Казнено поправниот дом – Идризово. Огласи распишаа и Дирекцијата за заштита и спасување, Ревизорското тело за ревизија на предпристапната помош ќе пополни 3 работни позиции, а 4 советници и еден виш соработник ќе вработи и Дирекцијата за технолошко индустриски зони.

Премиерот денеска се обиде да ги опрадва новите вработувања. Тие биле за пополнување на испразнетите места. Тврди дека неговата Влада сега работи со помалубројна администрација од претходната.

„Станува збор за пополнување на испразнетите работни места на крајот на минатата и почетокот на оваа годна. Тоа се работни места испразнети во втората половина од 2017 година, а сега се пополнуваат и тоа само дел од нив. Со вработувањата нема нови зафаќања од буџетот и не е предвидено ништо освен најавените зголемувања од пет проценти, а некаде и 10 во некои институции“ – рече Заев.

Платите за отворените позиции се движат од 13 илјади до 33 илјади денари. Огласите за нови вработувања се само продолжение на трендот од последниот месец од минатата година кога речиси и да немаше ден без некоја институција, или агенција да бара нови работници.

А додека секојдневно фрчат огласи за административци, голем дел од работниците во приватниот сектор едвај земаат минималец. Откако вчера најави дека минималната плата од сегашните 12 илјади денари ќе расте годинава, денеска премиерот вели дека се уште не се знае колкаво ќе биде зголемувањето. Допрва ќе се разговара со синдикатите и работодавачите. Со минималецот од 12 илјади денари граѓаните покриваат едвај 37% од вкупните месечни потреби од 32.545 денари колку што изнесува синдикална потрошувачка кошничка или минимумот за да се протурка месецот.

Тања Попова