Ново задолжување од 17.8 милиони евра

Владата продолжува да се задолжува на домашниот пазар. Овој пат за скоро 18 милиони евра. Министерството за финансии денеска понуди 15-годишни државни обврзници со каматна стапка од 2 и пол проценти во вкупна вредност од 4,88 милиони евра, како и 12 месечни државни записи без девизна клаузула со камата од 0.7% во износ од 13 милиони евра.

Веќе утре достасуваат за враќање приближно толку или 17 и пол милиони евра. Во текот на месецов нема други пари за враќање, а министерството ќе се задолжи уште еднаш на 27 август.

Во последните извештаи, Европската Комисија и Светска банка и препорачаа на Владата да направи поамбизиозна фискална консолидација, државата да внимава како ги троши јавните пари и да ги реализира капиталните инвестиции.

Јавниот долг на крајот на првиот квартал изнесуваше 46.1% или 5.24 милијарди евра, а државниот долг 38.2 отсто или 4.34 милијарди евра. На крајот на мај, беше усвоена и нова фискална стратегија. Со неа, беше предвидено, јавниот долг да достигне 51,7% од БДП до крајот на годинава. Догодина тој ќе изнесува 52,3% од БДП, а потоа би требало да се намали на 50,8% од БДП во 2021 година, односно на 49,1% од БДП во 2022 година.

Јавноста најмногу критикуваше дека додека власта се задолжува дома и надвор, слабо се градат патишта, железница, училишта, болници. По катастрофалната реализација на капиталните инвестиции лани од 65%, истиот тренд продолжува и годинава. За 6 месеци, Владата потроши едвај 20% од планираното за цела година.

Тања Попова