Новороденче пронајдено на улица во Топанско поле

Мајка родила машко бебе, па го оставила на улица. Без облека, крваво лежело среде парк во скопската населба Топанско поле, се додека неговиот плач не го чул случаен минувач кој случајот веднаш пријавил во полициска станица. Со возило на итна медицинска помош детето е пренесено во Клиниката за детски болести. Од таму велат дека морало да биде во инкубатор за да се стопли, а по примена терапија, бебето е во добра здравствена состоја.

-Се работи за машко новородено, со родилна тежина 2.400 гр, згрижено е на одделот за неонатологија, неговата здравствена состојба е добра, а превземени се сите неопходни мерки за вакви случаеви, велат од Клиниката за детски болести.

Од Центарот за социјална помош пак информираат дека откако ќе биде пуштено од болница детето ќе биде згрижено. За него ќе бидат извадени неопходните документи, по што на момчето ќе му биде одреден и старател, доколку полицијата не успее да ги пронајде родителите.

Од МВР велат дека се работи на утврдување на идентитетот на мајката, и околностите во кои новороденчето било оставено веднаш по раѓањето.

Сања Трајковска Ставров