Новогодишен шопинг во „5 до 12“ – значително поскромен дочек годинава

Градот полн, а граѓаните во трка со времето. Ги користат последните часови пред дочекот на новата година за да испазарат. Преполни со купувачи се трговските центри, маркетите, продавниците, пазарите, месарниците. Се купуваат храна и пијалоци за празничната трпеза, но и подароци во „5 до 12“ за роднините и пријателите, како и пакетчиња за децата. Секој купува по нешто, зависно од длабочината на џебот. Сепак, како да изостанува вообичаената новогодишна еуфорија. Граѓаните кои застанаа пред камерата на Алфа велат дека дочекот ќе го поминат во домашни услови, многу поскромно отколку претходните години. Едноставно платите изгубија добар дел од вредноста, а цените се превисоки за стандардот.

Трговците тријат раце. Задоволни се од неколкудневниот промет во пресрет на новогодишните празници. Сепак, признаваат со години немале толку лоша заработка како годинава. Беспарицата се гледа на сите страни. Велат дека се потрудиле да ги намалат цените, но едноставно џебовите на граѓаните се се попразни и купуваат помалку.

Со пристојна празнична трпеза, но со испразнети џебови поголем дел од граѓаните ќе ја дочекаат новата 2023-та година. Иако кризата удри врз семејниот буџет, сепак се оптимисти и веруваат дека следната година ќе имаат повеќе среќа, здравје и бериќет.

Тања Попова

Advertisements