Новогодишен декор, бројни посетители – Тајмс Сквер блеска

New York City, New York/United States - January 7, 2015: Brightly illuminated the Rockefeller Plaza ice skating rink filled with tourists and locals skating and watching, with a Christmas tree during the holiday season.

Снежниот бран кој ги зафати Соединетите американски држави минатата недела, не ги спречи странските и домашните туристи да го посетат најголемиот град во САД, Њујорк. Најголемите и најспектакуларните забави за дочек на нова година се во Лас Вегас и Њујорк Сити, градот кој навистина никогаш не спие.

И…, ако претходните две години поради пандемијата, ваквите забави не го видоа својот сјај, оваа година „големото јаболко“ е подготвено за најлудата ноќ во годината. Новогодишната атмосфера започна со патот на осветлените џиновски цифри „2023“ високи два метри кои беа поставени на Тајмс Сквер во Њујорк. Четирите цифри беа осветлени со вкупно 602 енергетски ефикасни ЛЕД сијалички. Она што е интересно за нив, е тоа што, тие патуваа од место до место, започнувајќи од Лос Анџелес, Калифорнија преку Невада, Тенеси, главниот град Вашингтон, Пенсилванија па се до Њујорк давајќи им можност на луѓето ширум САД да го поздрават доаѓањето на 2023 година. Како и сите, њујорчани очекуваат од новата година пред се здравје и среќа.

„2023 година, сакам само да бидам среќна, здрава Не мора да бидам богата, само би сакала да можам да го отплатам целиот свој долг. Тоа би било убаво“, вели Тереза Хју, жителка на Њујорк.

Од управата на градот Њујорк велат дека се е подготвено за дочекот на Тајмс Сквер на Менхетен, кога познатата топка која е истакнат дел од новогодишната прослава, се спушта една минута пред полноќ.

„Оваа година ќе настапат Хонг Конг Рокс, кинески културен перформанс проследен со Челзи Катлер, Џејк, Ава Макс, Дуран Дуран, Њу Едишан, Џеј-Хоуп, Озборн Гарсија. Имаме мешавина на музички таленти што ќе слават овде на Тајмс Сквер, заедно со милион други веселби, сите подготвени да ја започнат 2023 година“, вели Џефри Штраус, претседател на одделот за забава за новогодишната ноќ во Њујорк.

Празничното славење официјално започна на 21-ви декември пред почетокот на божиќните празници пред познатата стоковна куќа Сакс наспроти Рокфелер центарот во Њујорк каде е поставена и најголемата елка во Америка. Почетокот на празниците започна со настапот на Елтон Џон. Според Марк Метрик, извршен директор на Сакс, спектакуларното осветлување на објектот привлекува уште повеќе посетители и шири позитивна и празнична енергија.

„Сметаме дека ова е наш подарок за Њујорк. Можете да ја почувствувате енергијата, таа е опиплива“, рече тој.

Стоковните куќи во Њујорк, вклучувајќи ги Сакс Петта Авенија, Мејсис и Бергдорф Гудмен се познати по своите раскошни празнични излози и се едни од најголемите продавници не само во САД туку и во светот.

Секоја година околу два милиони посетители го посетуваат Њујорк за време на новогодишните празници, половина од нив, буквално, најлудата ноќ ја поминуваат на улица во и околу величествениот Тајмс Сквер на Менхетен како и Рокфелер центарот.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон.

Advertisements