Новогодишен биланс: Пожари во Скопје, масовна тепачка во Охрид, алкохолизирани славеници и петарди

Релативно мирна новогодишна ноќ во Македонија. Една масовна тепачка во Охрид, неколкумина повредени од петарди, запалени контејнери на повеќе локации во Скопје. Според СВР Охрид Седум лица учествувале во масовна тепачка што во првото утро во 2019 година се случила пред казино на улицата „Партизанска“ во Охрид. На двајца од разбеснетите учесници во тепачката им е укажана лекарска помош, а сите седуммина добиле и пријави. На хирургија завршиле и три лица со исекотини, после жестока тепачка во ноќниот клуб Хавана. Групна постновогодишна тепчака имало и во старата чаршија во Битола, но таму само едно лице е повредено, по што му е укажана лекарска помош.

Неколку лица се повредени од пиротехнички средства, кои и покрај апелите од МВР, беа масовно употребувани во метрополата и во сите останати градови во земјата. Во Штип едно дете заврши во болница по игра со петарди која тргнала наопаку, додека скопјанец пријавил дела малолетна девојка исто така со пиротехника му нанела телесни повреди на улица Македонија.

А бидејќи Новата година по правило многумина ја дочекуваат со прекумерно количество на алкохол во крвта, неопходна беше и лекарска интервенција, само во Скопје, во 24 случаи.

Во Скопје се регистрирани осум пожари за време на новогодишната ноќ. Од Територијалната противпожарна единица, дежурните екипи интервенирале во сите случаи. Повредени нема, причинета е само материјална штета. Дел од пожарите биле предизвикани од запалени контејнери, во Кисела Вода пожарот бил предизвикан од оџак, поради електрична бандера се интервенирало и во село Глумово, додека од сува трева гореше и на „Радишанска“ во Општина Бутел. Пожари имало во куќа и во угостителски објект во Тетово, каде исто така само е причинета материјална штета.

Како куриозитет, две лица од австриски Линц биле лишени од слобода откако при претрес им биле пронајден кокаин. Пронајдено е 13 годишното девојче од Штип кое се водеше како исчезнато, но затоа пак од 18 годишна девојка од Тетово која синоќа излегла од дома, се уште нема ниту трага ниту глас.

Драган Милосављевиќ