НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нови 64, активни 82 пожари во Грција

Избувнале 64 нови шумски пожари, а пожарникарите гаснат вкупно 82 пожари, соопшти грчката противпожарна служба.

Грчките пожарникари синоќа се бореа и со пожарот во Агиос, Крф, Каристос, Родос и Иликис, а на граѓаните во Евија им беше наредено да се евакуираат од куќите лоцирани во загрозените подрачја, пренесува Катимерини.

Грчкото Министерство за климатски промени и цивилна заштита ја објави „најголемата досега евакуација поради шумски пожари – повеќе од 30 илјади луѓе низ цела Грција“.

Портпаролот на противпожарната служба на Родос, Јанис Артофиос, потврди дека огнениот фронт се движи кон исток, кон Малоун и Масари, но нагласи дека во моментов не им се заканува на населените области. Во општинската единица јужен Родос со одлука на генералниот секретар за цивилна заштита е прогласена вонредна состојба.

На крф, пожарникарите се обидуваа да го спречат ширењето на предниот дел на пожарот што избувна вчера попладне во областа Перитија, на северот на Крф и се движи во југоисточен правец.

Како што соопшти грчката крајбрежна стража, беше спроведена операција за спасување на луѓе од плажата Нисаки на Крф, во која учествуваа шест бродови на крајбрежната стража, седум приватни пловни објекти со мал капацитет, два приватни брода со голем капацитет и еден шлепер.