Нови прераспределби во земјоделие – вработени од Прилеп ќе треба да патуваат до Кавадарци

Со потпис на министерот Трајан Димковски продолжува прераспределбата на вработени во Министерството за земјоделство. Алфа од свои извори дознава дека десетици вработени во подрачната единица во Прилеп, добиле решение за ново работно место надвор од нивниот град на живеење. Еден од нив, кој сака да остане анонимен за јавноста, во нашата редакција се пожали дека наместо во Прилеп, ќе треба да патува 50 километри до Кавадарци каде ќе работи на позицијата Помлад соработник за оперативна работа во регистрите на Министерството. Вработените се сомневаат дека прераспределбите, во кои се опфатени повеќе градови во земјава, се прават поради различни ставови со актуелната власт.

Алфа образложение побара во ресорното министерство, но од таму не добивме одговор. Инаку, од Министерството за земјоделство изминатите денови се правдаа дека прераспределбите во секторот биле поради зголемен обем на работа.

„Ве известуваме дека прераспределбата во други населени места е направена поради зголемен обем на работа на местата на коишто се распределени службениците со цел непречено функционирање на работата која е поврзана со тековни и нови проекти финансирани од Европската Унија“, информираат од Министерството.

Ова не е прв пат вработени во ова министерство да се жалат дека без најава од раководството добиле решение за прераспределба надвор од градот на живеење.

Алфа веќе ја објави сторијата на Јованка Наунова од Свети Николе, која на еден година пред пензионирањето ќе треба да патува по 40-километри до Велес каде била преместена. Таа инаку е мајка на тешко болно девојче за кое ќе нема кој да се грижи додека мајката е на работа во Велес.

Биљана Божиновска