Новиот тарифник за струја никој не го разбира, поскапувањето ќе удри врз џебот на граѓаните

Новото поскапување на струјата од просечни 7,4% ќе удри врз стандардот на граѓаните. Промената со 5 цени на струјата, една во ниската и 4 во високата тарифа го збуни населението. Ретко кој слушнал дека на веб страницата на регулаторната комисија има калкулатор за да може секој да го пресмета поскапувањето. Оние што знаат, велат дека едвај го нашле, а пресметките биле неразбирливи и конфузни.

„Ние не знаеме тоа да го правиме. Зошто јас тоа да го контролирам. Ќе дојде сметка, ќе морам да платам“

„Не знаеме, конфузно е. Треба да се причитаат критериумите. не знам дека има калкулатор. Ќе проверам“

„Да, конфузен е. Баш сабајле ја гледавме сметката. Јас не можам точно да разберам која е поскапа, која е поевтина“ – велат граѓаните.

Евтината тарифа поскапува за 8,69%. Цената во првиот блок во скапата тарифа е поголема за 5,5% , во вториот блок е повисока за 10,3%, во третиот за 18,3%, а во 4-тиот за дури 138,7%. Новиот скок на цената на струјата е уште едно во низата поскапувања кои треба да ги издржат граѓаните.

Енергетските експерти децидни – старите цени на струјата повеќе нема да се повторат. Граѓаните ќе мора да штедат, но загрижувачки било дали ЕВН навреме ќе ги чита броилата. И додека државните електрани се обврзуваат да покријат 100% од потребите на ЕВН Хоум, односно да го зголемат производството за 20%, аналитичарите се скептици. Сметаат дека ќе мора да се одвојат неколку стотици милиони евра за да се набави струја од увоз и за енергенти за производство на електрична енергија.

„Со оглед на домашното производство не сум убедена дека ЕСМ ќе биде во можност да испорача 100%, но времето ќе покаже дали ќе бидат способни да го произведат она според планот кој го имаат предвидено. Со оглед на ова поскапување, мислам дека државата ќе треба да издвои уште 200 до 300 милиони евра за набавка на струја“ – вели Сања Божиновска, аналитичар за енергетика..

Просечната потрошувачка на струја во скапа тарифа е околу 400 киловатчасови. Пресметките покажуваат дека сметките за струја на едно просечно домаќинство кое штеди енергија ќе се зголемат за околу 400 денари. За оние кои целосно ќе влезат во првиот блок до 210 киловаччасови , сметките ќе им бидат поголеми за 7%, а оние кои потрошиле 1100 киловати во скапа тарифа, ќе плаќаат за 17% поскапо.

Тања Попова

Поврзани вести