Новиот закон за пазари стапи во сила, пазарџиите стравуваат за својата егзистенција

Пазарџиите во паника, велат со новиот закон кој стапи на сила од 1 јануари, државата им зема од лебот. Пред камерата на Алфа дел од пазарџиите велат дека се уште немаат лиценци, а оние кои немаат право да ги извадат,стравуваат како ќе ги прехранат своите семејства бидејќи пензиите, или социјалната помош која ја примаат се премали и не ги задоволуваат потребите за живот.
Пазарџиите се остро контра измените на законот – велат дека и досега едвај преживувале , а власта со новото решение и дополнителните давачки ќе ги дотолчи.
Новиот закон забранува на тезгите да продаваат пензионери, вработени и сите други кои добиле некаков хонорар. Пазарната инспекција, во секое време ќе може од оние кои продаваат да побарат лиценца за работа. На зелените пазари ќе биде забранета и продажба на текстил, обувки и други непрехранбени производи.
Новиот закон предвидува казни и глоби од 150 до 2.000 евра во зависност од прекршокот односно ако се продава без лиценца, не се поседува документација за потеклото на производот или пасош за растенијата.
„Глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на трговецот на зелени пазари доколку не ја носи легитимацијата со себе“, пишува во законот.
За овој закон остри критики имаше и од партијата на панзионерите, но и од и Националната федерација на фармери кои велат дека со ваквиот закон ќе се поттикне сивата економија.
Од НФМ велат дека ваквото решение ги прекршува европските препораки но и основните човекови права цитирајќи ја Универзалната декларација на Обединетите Нации.
„Секој, како член на општеството, има право на социјално осигурување и право да остварува стопански, општествени и културни права нужни за своето достоинство“ пишува во Универзална декларација за човековите права.
На законското решение кој веќе е насила од 1 јануари реагираа и Стопанските комори, дел од експертите и самите продавачи и тезгаџии. Сите велат дека новите прописи сериозно ќе удрат на овој сектор од економијата , а анализите на Стопанската комора покажале дека со законот бројот на трговци ќе опадне за околу 30%. Во Македонија има меѓу 20 и 25 илјади закупци на тезги.