Новинари: Политичари што влегле во војна со медиуми набрзо завршиле со кариерата

Почнеш ли војна со медиуми, почнува и крајот на кариерата – навредите и етикетирањата на новинарите само ја покажуваат несигурноста на политичарите. Ова може да се заклучи од односот на премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на интегративците Али Ахмети. Познавачите алармираат дека борба со медиумите што ја почнале политичари е однапред изгубена. Нивното влијание е големо, но она на медиумите е уште поголемо, а гледачите се тие кои на крајот на денот ќе судат.

Секогаш кога политичарите не можат да ги решат проблемите и кризите со кои се соочуваат, вината ја бараат во медиумите. Но ние сме сведоци дека и во минатото, Македонија имала премиери кои влегувале во војна со медиумите, таа војна однапред била изгубена – вели новинарот Саше Димовски.

Антиалбански, антивладини, провладини, пи-ар на политичка партија – се само мал дел од квалификациите кои не ретко ги прават политичарите. Експертите се децидни дека секој медиум има право на своја уредувачка политика, и функционерите се последните кои имаат право да етикетираат и анализираат медиуми. Односот на Ахмети и Ковачевски кон медиуми кои критички известуваат за сите случувања за кои тие се одговорни, до некаде е оправдано бидејќи се соочуваат со внатрепартиска криза.

Не е дозволено високи функционери да ги квалификуваат медиумите како антиалбански или антивладини. Ние сме сведоци, дека секој политичар кој пробал да објави војна на некој медиум, паднал од власт. Ова нивно однесување е можеби и очекувано бидејќи Ахмети и Ковачевски се во незавидна состојба. Рејтингот паѓа во СДСМ, во ДУИ има многу поделби, и ваквите ситуации се манифестираат со говор на омраза и кон медиумите – вели новинарот Џенур Исени.

Компанија за тргување со енергенси и сектор за комуникации на политички партии – вака ги класифицираше премиерот Ковачевски македонските национални телевизии Телма и Алфа. Овој коментар на претседателот на Владата следеше по оној на првиот интегративец Али Ахмети со неговата изјава дека Телма и Алфа се непријатели на Албанците. Премиерот не само што не го осуди овој однос на неговиот коалициски партнер, туку го поддржа – рече дека Ахмети говорел со факти.

Адријана Алексиеска

Advertisements