Нова учебна година со стари проблеми – повторно нема учебници за сите основци

Новата учебна година стартува со старите проблеми. Повторно нема учебници за сите, но нема ниту одговорност зошто ова повторно и повторно ни се случува. Напротив, најповиканите, како министерот за образование, не ни чувствува потреба барем да се извини. Новина од годинава е што учебната 2023/2024 со одлука на Владата, првпат ќе заврши на 17 наместо на 10 јуни. Покрај зимскиот, учениците ќе имаат и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај 2024. Првиот училишен ден е посебен, особено за оние кои за прв пат седнуваат во клупите, првачињат. Но, и нив од година во година ги има се помалку.

По летниот распуст повторно одекна првото училишно ѕвонче во основните и средни училишта низ земјава. Радост, смеа, но и силен детски џагор се слушаше низ уличишните дворови на стартот од новата учебна година. Со свечена церемонија, во основните училишта беа пречекани најмалите, а топло добредојде освен родителите им посакаа и наставниците.

Холот на ООУ „Љубен Лапе“ беше преполна од првачињата, нивните родители, баби и дедовци, постари и помали браќа и сестри. Се најдоа старите другари и се запознаа со новите. Точно во 10 часот почна претставата што токму за нив ја подготвија постарите ученици. Хорот ја испеа државната химна а потоа сите ги поздрави директорката и им посака многу успех на новите ученици.

Највозбудени беа првачињата за кои денеска стартува нова приказна. Тие се среќни што за прв пат седнуваат во школските клупи.

Во училниците насмеаните наставнички им поделија врвки со имиња на првачињата, бомбони и сликовници за среќен почеток во новата средина. Некои од првачињата веднаш прашаа кога ќе почнат да учат. Оваа година училиштето „Љубен Лапе“ од скопската општина Аеродром, ги отвори вратите за 150 нови ученици, поделени во 5 паралелки, во секоја по 30 ученици.

Новата учебна година започна за над 200.000 основци и средношколци, но и оваа како и минатата за сите од нив нема учебници. За учениците од трето и шесто одделение наставата започнува без сите учебници кои допрва се одобруваат и треба да се печатат. За наставниците ова е лош сигнал.

  • Секоја година имаме еден ист проблем, а тоа немањето доволно учебници, тие доцнат, па ние како наставници мора да импровизираме, за децата да не ги оставиме да осетат дупка во учењето. Нашите искуства говорат сосема спротивно, што нам ни е голем пробелм, вели меѓу другото за Алфа, наставничката по македонски јазик Милка Тримчевска.

Реагираат и родители кои велат дека секоја година е иста песна.

Министерот за образование, Јетон Шаќири, пак не гледа проблем. Вели дека учебниците се печателе и на 7 септември ќе биле дистрибуирани.

  • Во период од една година успеавме во основното образование да одобриме и истовремено да печатиме и доставиме до училиштата повеќе од 50 наслови на учебници. За оваа учебна година ги завршивме сите постапки во рок од девет месеци од доставување на сите нови (наставни) програми за трето одделение, изјави Шаќири, и додаде дека соопшти дека на 7 септември е наредниот состанок на Националниот совет за учебници и тогаш, рече, ќе бидат одобрени и последните учебници за шесто одделение кои чекаат на одобрување и потоа веднаш ќе се испечатат.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ реагира дека учениците плаќаат преголем цех поради катастрофалните политики на власта. Бараат оставка од Шакири и напуштање на реформите за кои одамна предупредуваат дека се штетни.

  • Почитувани ученици и наставници ви посакувам среќен почеток на новата учебна година. На првачињата им истурам река вода по нивните стапки за образованието да им тече како вода, да им биде убаво и забавно во училиште, да учат најмногу што можат и да бидат најдобри што можат, рече Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу новитетите кои почнуваат оваа учебна година е и пролетниот распуст кој ќе трае од 29 април до 5 мај. Учебната година ќе трае подолго, односно наставата ќе заврши на 17 јуни.

Борис Грујоски

Advertisements