Нова учебна година, проблемите стари – пак ќе нема учебници во септември, одговорност од МОН нема
И новата учебна година ќе почне со стари проблеми. Ќе доцнат учебниците за повеќе одделенија. Од Министерството за образование исто како и лани, уверуваат дека се работело за помало задоцнување и учебниците ќе се доставеле две-три недели подоцна, зашто се чекало нивно одобрување. Ама ако веруваме на делата а не на зборовите на власта, судејќи според лани, учениците пак ќе учат од скрипти. Минатата година дел учебниците им стигнаа во јуни. Најголем проблем се книгите за трето и шесто одделение.
- Со учебниците за трето сме во напредна фаза на изработка и одобрување, споредбено со оние за шесто одделение, a очекуваме сите учебници во овие две одделенија да бидат одобрени и испорачани набрзо по стартот на новата учебна година. Дотогаш ќе се користат помошни материјали кои ги изработува БРО и ќе бидат достапни во електронска форма, велат од Министерството за образование и наука.
Историјата за петто одделние уште не е готова, заради бугарските диктати, па петтоделенците пак ќе учат од фотокопирани материјали. Дека е учебниците ќе доцнат потврдија од МОН, од каде смируваат дека ќе стасаат со мало задоцнување.
Што се однесува до книгите за прво, второ, четврто одделение, веќе биле стигнати и децата ќе ја почнат новата учебна година со нови учебници по сите предмети. Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а тиражот ќе биде надополнет со новоиспечатени комплети колку што училиштата побарале во мај.
Инаку, проблемот со доцнењето на учебниците беше главна тема на муабет и минатата учебна година, кога на неколку дена пред почетокот на летниот распуст, стигнаа учебници по македонски јазик за децата од 5-то одделение. Проблем имаше и со набавката на свидетелства, кои наместо во јуни, беа поделени во септември.
Борис Грујоски