Нова сајбер – измама ги демне граѓаните, лажна веб страна на УЈП краде лични податоци

Нова сајбер – измама ги демне граѓаните. Преку СМС-порака, во која стои „УЈП: Извршете ја задолжителната пријава“ и има линк до лажна веб-страница, се собираат лични податоци од граѓаните.
Од Управата за јавни приходи предупредуваат да се игнорираат овие пораки.
„Никако не отварајте ја оваа лажна веб страница, бидејќи од вас бара да пополните полиња со вашите лични податоци, податоци од платежна картичка и да прикачите слика од вашата лична карта. Споделувањето на Вашите лични податоци преку оваа лажна веб страница, може да предизвика нивна злоупотреба“, предупредуваат од УЈП и додаваат дека ги преземаат сите неопходни активности за справување со оваа состојба.
Утринава, лажната страница, која е претставена како да е на УЈП – не работи. Случајот е пријавен и во институциите. За разлика од други случаи, овде веб-порталот е регистриран во Македонија, но постои сомнеж дека тоа е направено со внесување лажни податоци.