Нова „реформа“ – наместо историја, микс на сѐ и сешто – од родова еднаквост до фотографија

Наместо историја, наставниците по историја ќе предаваат и родова еднаквост, верска етика, фотографија, како и ред други изборни предмети, кои им ги предвидува новата образовна концепција од бирото за развој на образованието. На ваквиот план на образовните власти, за предметот историја и општество, кој ќе почне да се применува во септември, реагираат професорите и наставниците. Тие велат дека станува збор за импровизација, бидејќи власта носи решенија, за кои, не само што не го подготвува наставниот кадар соодветно, туку не се подготвени ниту училиштата, бидејќи недостасуваат како технички, така и учебни материјали. Професорката по историја, Ленче Манева, вели дека ниту на тие кои што ја осмислиле програмата не им е доволно јасна.
- „Оваа реформа е под прашалник, прв пат нешто вакаво се спроведува. Мислам дека и тие што го замислиле не им е доволно јасно. Целата таа програма да се реалзира во едно полугодие е неизводливо, на учениците ќе им дадеме премногу информации, премногу кратко време, а преобемен материјал е даден за тоа кратко време.“ – Вели професорката по историја Ленче Манева.
Според програмата, основците до полугодие ќе учат историја, па на истиот предмет ќе продолжат да учат географија, и на крај од годината ќе завршат со граѓанско општество. Професорката Манева вели дека предавањата не соодвејствуваат едно со друго и оти поради овие измени, трпи изучувањето на домаашната, македонска историја, пример што го нема во соседството.
- „Не може со ист фонд на часови да се опфатат сите стари народи, што се изучуваат во стариот век, дали е тоа Грција, Рим, Ертрурци, не може во една матична земја да се има исто фонд, ако ја земеме праксата од нашите соседи, они така не ја изучуваат историјата. Акцентот го даваат на националното“ – Додава Манева.
Јавноста е веќе на нозе по новата реформа на бирото за развој на образованието, бидејќи таа не е прва изминаитиов период, која крати од материјалите и времето посветено за изучување на македонската историја, што го доведува во прашање знаењето на идните генерации за своето минато.
Никола Цветкоски